Јавното претпријатие за државни патишта ги известува граѓаните на Кисела Вода дека ја заврши санацијата на мостот на Маркова Река и дека од утре мостот ќе биде во целосна функција.
„Градежните активности се одвиваа забрзано и со темпо кое е прилагодено на летниот период кога сообраќајот се одвива со намален интензитет, со цел да се минимизира застојот и влијанието врз учесниците во сообраќајот. Градежните работи, пак, опфатија санацијата на горниот строј на мостот, при што се изврши отстранување на постојните дилатациони фуги, сливници, асфалтот и тротоарите. Се постави нова бетонска плоча, хидроизолација на мостовската конструкција, се изврши асфалтирање, како и изградба на нови тротоари со рабници и санација на парапетна греда“, соопшти претпријатието.
ЈПДП посочува дека се грижи за безбедноста и одржувањето на повеќе од 1.100 мостови на државните патишта на целата територија на државата и ја следи нивната состојбата.