Шест децении посветени на книжевноста за деца и млади ќе бидат одбележани со посебна издавачка едиција посветена на писателот Велко Неделковски. По повод 80 години од неговото раѓање и 60 години творечка работа, „Арс Ламина“ подготви јубилејно издание кое содржи 18 наслови обединети во 12 книги.
Промоцијата ќе се одржи на 26 ноември, четврток, со почеток во 10 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. За книжевното дело на Неделковски и неговиот придонес во литературата за најмладите ќе говори проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Јубилејната колекција вклучува шест самостојни книги: „Збунети години“, „Шармери од осмо“, „Симчо“, „Бибисек Втори“, „Корнет Лизи во Шаренџам“ и „Првото жарче ЉУБ“. Останатите шест изданија се дел од концептот „Прегрнати книги“, во кои се сместени по два наслова: „Песноград“ и „Сказнобус“, „Стихотека“ и „Светот има осум страни“, „Децата се прва лига“ и „Кога цутат имињата“, „Верочка и Бовчек“ и „Стихувалка ха-два-о“, „Детето со име Димче“ и „Во царството виножитно“, како и „Хокус покус приказникус“ и „Адреса на срцето“.
Покрај делата што претходно биле објавени, во едицијата се вклучени и понови наслови. Сите книги добиваат нов изглед, освежен дизајн и заеднички визуелен идентитет, дополнет со специјално изработено лого за јубилејот.
Велко Неделковски е роден на 28 октомври 1946 година во Скопје. Неговото име со децении е присутно во македонската литература за деца и млади, а во своето творештво ги опфаќа расказот, сказната, романот, драмата и поезијата. Работел како драматург и сценарист во Македонската телевизија, а член на Друштвото на писателите на Македонија е од 1980 година.
Меѓу неговите познати дела се книгите „Леб за тате“, „Како расте Пенчо“, „Срценца од ведро-а“, „Пролетни авантури“, „Шоу под ведро небо“, „Чуденки со Тимитар Итар“, „Смеантури во Намќорец“, „Втората смена“, „Зборофон Тар-11“ и „Летачкиот човек Пеперут“.
Неговиот придонес не се ограничува само на печатената литература. Неделковски е автор на шеесетина радиодрами за најмладите слушатели на Македонското радио, дел од нив преведени и реализирани и во странство. Напишал и сценарија за околу 30 телевизиски серии за деца, меѓу кои „Саки од Саканија“, „Светот има осум страни“ и „Царството на другарството“. Негови драмски текстови, како „Ден за бегство“ и „Бибисек од Крампонија“, биле поставувани и на театарската сцена.
Писателот создава и литература за возрасни. Во издание на „Арс Ламина“ се објавени неговите романи „И не биди млад мајмун“, „Песја прељуба“ и „Токсични луѓе“, како и поетската збирка „Тишината на зборот“.
За својата работа Неделковски има добиено повеќе книжевни и професионални признанија. Меѓу нив се наградата на РТВ Скопје за најдобра книга за деца, наградата за најдобра детска книга на „Струшките вечери на поезијата“ во 1986 година, признанието „Феникс“ на Град Скопје и наградата за животно дело на Македонската радио-телевизија.
Со јубилејната едиција, неговите дела добиваат ново издание и можност повторно да стигнат до младите читатели, но и до генерациите што растеле со неговите приказни и стихови.