За да можат затворениците да се потпишат на иницијативата за предлог-законот за амнестија да се најде пред пратениците, тие тоа треба да го сторат во подрачната единица на општината каде им се води адресата во личната карта. Но, според ДИК, неизводливо е за секој затвореник да се обезбеди превоз и надзор до неговата општина, информира Мери Николова од иницијативата за собирање потписи.
-Доставивме писмо до ДИК за да им се дозволи уставно загарантираното право на затворениците да даваат потписи за граѓанската иницијатива. За жал, одговорот од ДИК е формално потврден, но во пракса ништо од тоа нема да да се изведе. Секој затвореник мора да остави потпис во подрачната единица на општината чиј жител е според личната карта, а да се организира превоз и надзор за секого до неговата матична општина е скоро неизводливо, ни порачаа од ДИК, изјави Николова за Слободен печат.
Исто така, од ДИК на иницијаторите им било кажано дека Комисијата не може ниту да прати службеници од подрачните единици до затворите за да ги соберат потписите, бидејќи немале доволно кадар.
Според Николова, револтот кај затворениците поради ваквата одлука бил голем и тие и порачуваат на ДИК да не им се појавуваат пред очи кога ќе дојде ред да се гласа на парламентарни избори штом сега ги сметаат за граѓани од втор ред.