Затвореник кој три пати се обидел да се самоубие, бара наместо во затвор да го сместат во психијатриска болница

by fokus

„Мене местото не ми е е во затворот во „Идризово“, туку итно ми е потребно лекување и соодветна лекарска грижа“. Вака својата исповест ја започнува охриѓанецот Горан Проев, кој во моментот одлежува седумгодишна затворска казна во „Идризово“, која ја добил за разбојништво. Тој веќе со месеци бара начин како да излезе од затворот и да добие соодветно лекување за својата психичка болест.

Како што раскажува за „Фокус“, од средината на 2014 година бил во притвор во охридскиот затвор, а од почетокот на 2016 година е во затворот „Идризово“. Но, поради нарушеното здравје уште првите денови поминати зад решетки морало да се интервенира, па бил носен на лечење во психијатриски установи, а во неколку наврати дури и се обидел да си го одземе животот. Како што вели, бил осуден и без да даде одбрана, бидејќи тогаш не бил во состојба да даде исказ.

-Судијката ме праша што ќе кажам во одбрана, на што посочив дека во притвор сум под тешка терапија, одбраната ќе ја дадам на следното рочиште. Таа се согласи. Но набрзо беше донесена пресуда во која пишува дека сум го користел правото на молчење. По пресудата ми се влоши психичката здравствена состојба, бидејќи боледувам од биполарно пореметување со суицидни идеи. Затоа мојот адвокат побара од судијката наместо казна затвор да ме упати на лечење, но таа не прифати, раскажува нашиот соговорник Проев.

Во тие денови, поради влошената состојба итно бил префрлен во психијатриската болница во Демир Хисар.

-Таму ме ставија на терапија и состојбата ми се подобри. По три месеци дојдоа командирите од охридскиот затвор бидејќи имаа наредба да ме префрлат во затворот „Идризово“ во Скопје. Во тој момент испив поголема количина на таблети за да си го одземам животот, но докторите реагираа брзо по што ме вратија во живот. По два дена избегав и си отидов дома, но бидејќи ја немав потребната терапијa, а не можев да функционирам без неа, се вратив во болницата. Штом стапнав во болницата веднаш бев префрлен во „Идризово“, вели затвореникот.

По три мецеси повторно го вратиле во затворот во Охрид, а по 20 дена, поради влошената здравствена состојба, повторно го носат во болница.

-Таму ме задржаа еден месец, по што повторно ме вратија во затвор. По една недела, поради повторен обид за самоубиство ме пренесоа во болницата во Бардовци. По примената терапија таму, веќе на ништо не се сеќавав. Ниту како сум стигнал таму, ниту колку време престојувам. Докторката која ме лекуваше, а на која сум и многу благодарен, рече дека треба да останам во болница под надзор. Но и покрај нејзините професионални совети и напор, не ме оставија во болница, туку ме вратија во „Идризово“, појаснува Проев.

Тој вели дека не знае каде да се обрати за помош, па затоа решил јавно да проговори, надевајќи се дека некој од надлежните и ќе ја слушне неговата молба и ќе му помогне да добие соодветно лекување. Како што вели, и пред една недела испил поголема количина на таблети, но го спасиле.

Проев, како што појаснува, е осуден за кривичното дело разбојништво, но не зошто го извршил, туку му дал идеја на друг како да дојде до пари.

-Првообвинетиот, кој го стори кривичното дело е осуден на шест години, а јас што сум му кажал како да го изврши, како второобвинет, добив седум години затвор, иако оштетените кажаа дека не ме познаваат и дека немаат ништо против мене, истакнува нашиот соговорник.

В.В.

Поврзани новости