Започна одбележувањето на Денот на независноста

by fokus

Претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и бројни други делегации претпладнево положија венци свежо цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски, со што започна одбележувањето на 30-годишнината од независноста.

Во алејата на великаните на гробиштата во Бутел, пред гробните места на претседателите Глигоров и Трајковски венци со свежо цвеќе положија претседателот Пендаровски, делегација на Собранието предводена од потпретседателот Горан Мисовски и делегација на Владата предводена од премиерот Заев, придружуван од Артан Груби, Љупчо Николовски, Фатмир Битиќи и Мила Царовска.

Покрај членовите на делегациите на државниот врв, свежо цвеќе положија и делегација на Армијата, на Сојузот на борците, на повеќе државни и општествени институции, на дипломатскиот кор, на верските заедници, на граѓанските организации, на политичките партии, на ЗЕЛС и на Градот Скопје.

Централната свечена програма за одбележување 30 години независност ќе започне денеска во 17 часот пред Собранието и со своите содржини ќе биде посветена на историскиот референдум на 8 септември 1991 година.

По повод трите децении независност, претседателот Пендаровски денеска со орден „8 Септември“ ќе ги одликува Стојан Андов, прв претседател на првото повеќепартиско Собрание, како и пратениците во Собранието во мандатниот период од 1990 до 1994 година.

Поврзани новости