Запленета марихуана вредна 150.000 евра, приведени и поранешни вработени во МВР

by Fokus

Полицијата вчера запленила три торби со 54 пакувања марихуана чија вредност според првичните процени е 150. 000 евра. Приведени се пет лица, меѓу кои и двајца поранешни вработени во МВР, соопштија од Министерството.

Станува збор на меѓународен канал за шверц на дрога од Албанија, преку Северна Македонија, а со крајна дестинација во Грција.

Од МВР велат дека од минатиот месец почнале истрага за групата инволвирана во меѓународниот транспорт на марихуаната, чиј организатор е 50 годишен маж од Гевгелија. Полицијата ја спровела акцијата вчера, откако претходно добила информации дека од 19 јули се подготвува пренос на поголема количина на марихуана.

-Вчера, И.К. (37) од Гевгелија, З.Б. (52) од село Грчиште, и Д.С. (27) од село Марвинци со возило ’опел вектра‘ со гевгелиски таблички се упатиле кон Јанковец-Ресен, каде оствариле средба со Д.Д. (38) од село Ливата-Струга, кој пристигнал со возило ’опел вектра‘ со ресенски таблички, а во кое ја донел и претходно обезбедената марихуана. Тоа возило било преземено од Д.С. и тој се упатил од Јанковец во правец на Градско, а И.К. и З.Б. со возилото со гевгелиски таблички се движеле пред него во улога на чистачи, велат од МВР.

Полицијата ги запрела и ја пронашла марихуаната. Дополнително, биле направени и повеќе претреси на подрачје на Гевгелија, Валандово и Струга.

Кај еден од осомничените се пронајдени и одземени и две ловечки пушки, пиштол и муниција за кои немал дозволи.

За активностите на полицијата известено е и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, до каде МВР ќе поднесе и кривична пријава.

Поврзани новости