Што добива Пендаровски по престанокот на функцијата претседател?

by Fokus

Професорката Гордана Сиљановска Давкова вчера беше избрана за прва жена претседател на Македонија на претседателските избори.
Мандатот на актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој беше и кандидат за претседател, истекува на 12-ти мај, и инаугурацијата на Давкова треба да се случи најдоцна до тој датум.

Пендаровски заедно со своето семејство, сопругата Елизабета Ѓоргиевска и синот Огнен тогаш треба да ја напушти претседателската резиденција на Водно, во која се всели на 12-ти мај 2019 година. Тогаш од Вила Водно се отсели неговиот претходник, поранешниот претседател Ѓорге Иванов пак, кој престојуваше во резиденцијата цели десет години.

По примопредавањето на функцијата, на претседателот Пендаровски му следи отселување од резиденцијата, во која треба да се всели Давкова со семејството, но и низа на доживотни бенефиции.

Според Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанок на функцијата, тој има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на државата, има право на канцелариски простор и најмногу три соработници. Има и право на лично обезбедување, како и право на користење службено возило и возач.

Сепак, на 22-ри мај 2019 година, на брифинг со новинари, Пендаровски најави дека по завршувањето на мандатот нема да бара претседателска пензија, ниту пак средства за отворање на канцеларија, туку ќе се врател на работното место професор.
Нема информација дали во меѓувреме го променил мислењето и дали ќе ги побара бенефициите кои законски му следуваат.

Претходникот на Пендаровски пак, Иванов, ја искористи законската можност на претседателска пензија и доживотно на трошок на државата му следуваат закупените канцеларии во висококатниците во Џевахир, буџет од 150.000 евра, пензија од 91.000 денари (која денес со покачувањето на платите на функционерите би требало да е значително повисока) како и обезбедување и возач.

За вселувањето на новите станари на Вила Водно, се уште не се објавени деталите. Во интервју за ,,Фокус” од 2019 година, кога Давкова за прв пат беше кандидат за претседател, таа раскажа дека живее заедно со сопругот Благоја, и дека нивната ќерка Марија е мажена и исто така живее со нив. За синот Павле тогаш кажа дека не живее со нив, но секојдневно ги посетува.

Сите во семејството се правници, но синот и ќерката не работеле во струката.

Исто така, раскажа дека имаат куче и маче, кои се дел од нивното семејството и за неа имале огромна терапевтска моќ.

Вики Клинчарова

Поврзани новости