Законот за канабис ќе чека анализа на 10 држави

by fokus

Со компаративна анализа на десет земји од регионот, Европа и САД, ќе се прави темелен преглед на политиките за канабис пред изготвувањето на новото законско решение.

Работната група за канабис на состанок во Владата донела заклучок да се анализираат политиките по однос на статусот на употреба на канабисот во Португалија, Холандија, Чешка, Шпанија, Канада, Колорадо (САД), Калифорнија (САД), Израел, Хрватска и Албанија.

На состанокот, Работната група усвоила и дефиниции за поимите декриминализација, легализација и депенализација по однос на статусот на употреба на канабисот, кои ќе се користат за подобро разбирање на степените на дозволена употреба на канабис низ работните процеси во институциите, како и за информирање и едукација на широката јавност за различните аспекти на употреба на канабисот.

„Декриминализација на употребата на канабис подразбира елиминирање на кривичните дела поврзани  со употреба на канабис и поседување на канабис за лична употреба. Декриминализацијата значи преместување на фокусот на политиките од полициско – судскиот систем кон здравствено – социјалниот систем“, истакнаа од Владата.

Воедно, работната група утврдила насоки и одговорни засегнати страни за подготовка на сеопфатно, јавно и едукативно информирање на широката јавност за сите аспекти од употребата на билката канабис, како и обезбедување целосно инклузивен процес на консултација со сите засегнати и заинтересирани страни.

„За реализација на ваквата јавна, информативна и едукативна кампања ќе биде побарана поддршка од бизнис-секторот и од сите општествени чинители кои ги поддржуваат зелените политики“, посочија од Владата.

Поврзани новости