Законот за амнестија на собраниска седница, ВМРО-ДПМНЕ најавува 5.000 амандмани

by Fokus

Предложениот закон за амнестија по скратена постапка е на дневен ред на денешната собраниска седница.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ќе поднесат 5.000 амандмани за да го блокираат усвојувањето на овој закон, од СДСМ амандмани за да го спречат можното амнестирање на обвинетите за петкратното убиство кај Смилковци, а министерот за правда Кренар Лога најавува дека денеска на пратениците ќе им покажува фотографии за тоа какви се условите по затворите во Македонија.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ денеска најавуваат дека ќе го блокираат носењето на законот со сите можности кои ги нуди Деловникот.

Пресметката е дека ако овој закон помине во Собранието, од вкупно 2.114 затвореници, 286 ќе бидат целосно ослободени, а за 996 ќе има делумно ослободување.

Од Министерството за правда велат дека немаат пресметка за тоа колку од 2.813 осудени кои чекаат да влезат во затворите ќе бидат аманестирани.

Со предложениот закон за амнестија не се согласува и заменичката на министерот за правда Викторија Аврамовска Мадиќ, која е член на СДСМ.

За денешната седница најавен е и избор на испразнетото место во Државната изборна комисија (ДИК). Според законот, оваа позиција мора да ѝ биде доделена на опозициска партија од албанскиот блок. ВМРО-ДПМНЕ најавува дека ќе даде поддршка за нов член на ДИК да биде избран од здружената опозиција Касами, Меџити и Гаши.

На дневен ред е и интерпелацијата на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, но од опозицијата се сомневаат дека власта ќе дозволи таа да се најде пред овој пратенички состав.

Поврзани новости