Дејствата на руската шпионска мрежа во Бугарија се закана за целата евроатлантска заедница, потребен ни е постојан и реален пристап кон Русија и мора да ги браниме нашите вредности – слобода, демократија, владеење на правото, човекови права, нагласи бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева на состанокот на алијансата во Брисел.
Во фокусот на дискусијата беа односите со Русија, бидејќи обелоденувањето на мрежата за недозволено собирање информации во корист на Москва, која работи на територијата на Бугарија, стана една од централните теми на агендата. Захариева ги извести своите колеги дека Бугарија морала да прогласи уште двајца руски дипломати за персона нон грата за дејствија несоодветни со Виенската конвенција за дипломатски односи.
-Им благодарам на сојузниците и на генералниот секретар Јенс Столтенберг за изразената јавна поддршка за работата на бугарските агенции за спроведување на законот – рече Захариева, додавајќи дека Софија ќе продолжи да ги спречува сите обиди за злонамерно мешање во внатрешните работи на Бугарија.