Јакимовски: Апасиев е од Скопје и не му следуваат патни трошоци, а Крмов нема возачка дозвола

by Фокус

Вистинското прашање е зошто Левица добива пари колку ГРОМ како партија која постои од вчера и глуми лудило дека пратениците не требале да добиваат патни трошоци – вака лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски реагираше на настапот на првиот човек на Левица Димитар Апасиев на Канал 5, каде Аписев праша како е можно Левица да добива исто пари од буџетот како и ГРОМ која настапила во предизборна коалиција, а воедно го бранеше предлогот за сведување на патните трошоци за пратениците на ниво на автобуски билет.

„Едниот пратеник од нивната партија живее во Скопје (Апасиев) и не му следуваат трошоци, а вториот живее во Штип (Борислав Крмов) и нема положено возачки испит и затоа му покриваат само автобуски превоз. Затоа е подобро кога се јаде свој леб да не се берат туѓи гајлиња, оти не сме од муренка паднати и сите не паѓаме во несвест на глаголивите сарказми и вулгаризми“, напиша Јакимовски на фејсбук.

Според математиката на Јакимовски, пратеник до Куманово е реално да добива илјада денари за патни трошоци, а не 300 денари, како што бара Апасиев.

„Кај наплатната рампа кај Куманово пратеникот треба да плати 60 ден, на втората кај Петровец 40 денари и за назад уште толку или вкупно само за патарина 200 денари. Според неговата правна математика, треба да им се исплати 300 денари не земајќи го во предвид потрошеното гориво, зошто на 100 км ќе се потроши 7 до 8 литри. Значи околу 500 денари се потребни од Куманово до Скопје и назад и 200 денари за патарини, вкупно 700 денари. Според математиките на Апасиев, пратеникот од Куманово треба да биде зијан 400 денари, а возилото троши ли гуми, улје, дали се амортизира, се плаќа ли регистрација за него и сервиси. Значи исплатената сума од 1000 ден на пратеник кој патува од Куманово е само покривање на направените трошоци“, посочи Јакимовски.

Меѓутоа, предлогот на Апасиев се заснова на автобускиот превоз, со што трошоците за патарина и амортизација на возило практично не постојат.

Поврзани новости