Димитриевски очекува поддршка од СДСМ за уште еден мандат: Не сум се видел со Црвенковски

by Фокус 22:15
22:15

Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, кој за време на мандатот неколку пати се спротивстави на одредени политики и одлуки на СДСМ и Владата што ја предводи неговата матична партија, убеден е дека сепак ќе ја добие партиската поддршка за уште еден мандат на следните локални избори.

-Јас на претходните избори излегов со програма со проекти со рокови за реализација во 2, 4 и 8 години. Член сум на СДСМ од 1995 година и очекувам поддршка од матичната партија – изјави Димитриевски за Фокус.

- Advertisements -

Во однос на нашето прашање дали ќе се кандидира како независен кандидат доколку не добие ја добие очекуваната партиска поддршка, тој ниту потврдува ниту демантира, туку само вели дека не може да коментира претпоставки и шпекулации.

Воедно, кумановскиот градоначалник тврди дека во изминатиот период не се сретнал со поранешниот партиски лидер и премиер Бранко Црвенковски, кој по интервјуто на актуелниот лидер на СДСМ и премиер Зоран Заев за БГНЕС го замрзна членството во СДСМ.

Токму после ова интервју, добро упатени извори од Бихаќка лиферуваа информации дека одредени функционери од редовите на владејачката партија, претежно актуелни градоначалници, почнале поинтензивна комуникација со Црвенковски.

Притоа, меѓу оние чии имиња неофицијално се споменуваа дека наводно го посетиле Црвенковски беше градоначалникот на Ѓорче Петров Александар Наумовски.

Меѓутоа, тој ги демантираше таквите тврдења, додавајќи: „Не разбирам што има тоа врска со авангардноста за новиот пристап за избор на претседател на СДСМ“.

Се обративме и до кабинетот на Црвенковски, но од не добивме одреден и прецизен одговор, туку само ни изјавија дека Црвенковски „останува на ставот да не дава изјави во јавноста по било кои прашања“.

Како што објави Фокус, најголем број од актуелните градоначалници на партијата во скопските општини нема да бидат кандидирани за уште еден четиригодишен мандат на следните локални избори.

-Од сите 8 градоначалници, само еден или двајца имаат шанси повторно да бидат кандидати. Така коментираат граѓаните и толку сработиле – ни изјави висок партиски функционер.

Што се однесува до Скопје, актуелниот градоначалник Петре Шилегов одамна пројави амбиции за уште еден мандат, додека партискиот лидер Заев во една прилика јавно го поддржа, со тоа што остави одлуката да биде донесена во рамки на внатрепартиската процедура.

Влатко Стојановски

Поврзани новости