Заев во Мостар: Тоа што не поврзува е заедничката иднина

by fokus 22:54
22:54

Тоа што не поврзува е заедничката иднина на нашите граѓани, на регионот и на светот. Тоа што не поврзува е потребата за стабилност, сигурност и безбедност, а со тоа и економски придобивки, за нашите граѓани и нашите држави, истакнал премиерот Зоран Заев во Мостар каде што попладнево отпатува за традиционалната манифестација „Mostar Peace Connection“.

Како што информира владината прес-служба, пред почетокот на настанот македонскиот премиер неформално разговарал со домаќините, претставници од Центарот за мир и мултиетничка соработка, претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, грчкиот премиер Алексис Ципрас и со црногорскиот премиер Душко Марковиќ. Со нив Заев положил цвеќе во реката Неретва, во знак на мир и пиетет кон жртвите од сите војни.

- Advertisements -

Во изјава за медиумите го истакнал храброто лидерство на сите премиери од регионот кои на темелите од минатото градат иднина. Притоа, како што соопшти владината прес-служба, Заев им ја честитал на Ципрас и Марковиќ добиената награда „Мостарска повелба на мирот“, чиј лауреат беше и тој минатата година.

– Ја добив наградата лани и знам колку е таа вредна и што значи, значи чест, но и одговороност за доверената верба од организаторот, Центарот за мир и мултиетничка соработка и граѓаните и лидерите од Босна и Херцеговина, регионот и пошироко. Пораката што ја испраќаме со присуството на оваа величествена манифестација што го слави мирот е силна. Промовираме како еден лидер може, треба и мора да се издигне над предрасудите, и самиот да стане мост, поврзувајќи се со други лидери кои им мислат добро на своите граѓани, истакнал Заев.

Додал дека никој не успеал сам и дека тие, како лидери од регионот, се поврзале меѓусебно, покажале достоинствена почит едни за други, свртиле грб на она што разделува и го дофатиле она што поврзува. Напредокот на Република Македонија, која денес има покана за почеток на пристапни преговори со НАТО и датум за почеток на преговори за членство во ЕУ во јуни 2019 година е значаен пример, според премиерот како низ соработка, меѓусебно поврзување и почитување, за само една година може да се постигне пресвртен успех.

Поврзани новости