Германија и Велика Британија најавија посилна воена соработка

by Fokus

Велика Британија и Германија објавија заеднички договор во кој се зборува за продлабочување на соработката во воениот и одбранбениот сектор, особено во делот на „оперативната и индустриската соработка“.

„Во пракса ние веќе и сега интензивно соработуваме на цела низа проекти, како што се новиот артилериски систем, оклопното возило Боксер, како и европскиот небесен штит и авионите Еурофајтер“, рече германскиот канцелар Олаф Шолц по средбата со британскиот колега Риши Сунак.

Сунак рече дека Германија и Велика Британија презеле „голема одговорност за заедничката безбедност“. Британскиот премиер, кому ова му е прва посета на Берлин, го пофали и германскиот ангажман во Украина.

„Невозможно е да се занемари фактот дека Германија, покрај Велика Британија, е најважниот поддржувач на Украина“, рече Сунак, кој во таа прилика особено ја истакна германската испорака на противракетниот систем „Патриот“ на Украина.

Во исто време, германскиот канцелар Шолц уште еднаш ја отфрли можноста за испорака на ракети Таурус во Украина.

„Остануваме на нашата претходна одлука“, рече Шолц и додаде дека Европа и без Таурус е најголемиот воен поддржувач на Украина.

Пред средбата Сунак-Шолц, опозициската Христијанско-демократска унија ЦДУ/ЦСУ апелираше до Сунак да се обиде да го убеди Шолц да го промени своето мислење за испораката на Таурус за време на разговорот.

Шолц веќе во неколку наврати објасни дека испораката на Таурус би била возможна без учество на германски војници во војната во Украина, што сака да го избегне по секоја цена.

На средбата Сунак и Шолц разговараа и за продлабочување на соработката во областа на енергетиката и борбата против организираниот криминал.

Поврзани новости