Заев смета дека пописот е патриотски чин, Мицкоски не разговара со невакциниран попишувач

by Фокус

Премерот Зоран Заев останува на ставот дека пописот не треба да се одложи затоа што, според него, податоците што ќе се добијат се исклучително важни за државата. Учеството на пописот, рече тој, е патриотски чин, а повикот или тивкото работење за бојкот е удар врз државата, па дури и врз својата етничка заедница.

-Учеството во него е патриотски чин. Леснотијата да се пропагира и да се бојкотира пописот не е ни малку патриотски чин. Пописот е неопходен и е вистински патриотски чин. Од што се плашиме, што е вистината која ќе ја добиеме сите, кои сме, какви сме по етничка определба, каде живееме, колку во главниот град, колку во внатрешноста… Од тоа ли се плашиме – праша Заев во собранието.

Наспроти него, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на Сител изјави дека не е сигурен оти пописот ќе започне на први април. Тој смета дека пописот треба да се одложи до есен, а, како што рече, би можело да се одложат и локалните избори за еден месец. Прв момент кога попишувачите ќе бидат имунизирани и нема да шират зараза, порача Мицкоски, може да има попис.

-Граѓаните не смеат да бидат заложници на политичкиот договор Заев-Ахмети. Јас го избирам здравјето на сметка на политичкиот договор Заев-Ахмети. И упатувам апел до граѓаните да го изберат здравјето на сметка на политичкиот договор Заев-Ахмети – истакна Мицкоски, кој додавајќи дека на памет не му доаѓа да разговара со неимунизиран попишувач. Според него, тоа не е бојкот, туку избор за живот.

Поврзани новости