Денешниот датум – 27 април е аларм кон што водат политиките на поделби и политиките на водење сметка само за лични интереси, изјави денеска премиерот Зоран Заев, две години по насилниот упад во парламентот кога тој беше нападнат и повреден.
-На овој ден си ја спасивме земјата од злите намери на алчноста за власт. На овој ден, во домот на граѓаните ја одбранивме демократијата и застанавме на патот на автократијата – рече Заев.
Тој истакна дека 27 април потсетува и на обврската да не се дозволи никогаш да се повтори газењето врз човековите права и слободи.
-27 април потсетува на нашата одгворност крвта пролеана за да се запре злото, да ја замениме со граѓански глас кој повикува да одиме напред. Ова се времиња кога заедништвото и прогресот се единствената опција која и носи добро на нашата земја – истакна премиерот и лидер на СДСМ.
Заев додаде дека народот секогаш носел исправни одлуки и, како што порача, гласот на граѓаните е слушнат и разбран.
-Сега е потребно секој да ја извади решителноста од себе и да постапи совесно, за доброто на своите деца и за добрата иднина на родната земја – рече тој.