Одговарајќи на прашањата на адвокатот на премиерот, лидерот на СДСМ Зоран Заев на денешното рочиште одговори дека не чувствува потреба да се извини за изјавите околу „Македонска банка“
Заев пред пет месеци обвини дека премиерот Груевски лично ја продал „Македонска банка“, на српскиот бизнисмен Јовица Стефановски – Нини. Наводно, според тврдењата на СДСМ, при продажбата, премиерот добил 1,5 милиони евра во кеш. За ваквото обвинување премиерот поднесе тужба против Заев, со која му бара 500.000 евра обештетување.
– И денеска би кажал дека имам основано сомнение за извршен криминал – додаде првиот социјалдемократ.
На прашањето на адвокатот на Груевски, Никола Додевски, дали Заев е запознат со принципот на презумпција на невиноста Заев одговори:
– И те како ми е познат, тоа го почуствував на своја кожа на 17 јули 2008 година – кратко изјави Заев алудирајќи на денот кога беше притворен и со лисици донесен пред скопскиот суд пред камерите на речиси сите медиуми за аферата „Глобал“.
Адвокатот на Груевски инсистираше Заев во неколку наврати да појасни дали во неговите изјави категорично тврдел дека премиерот е „таткото на криминалот во Македонија“ или пак рекол дека има основан сомнеж за тоа. Заев појасни оти после секое тврдење во изјавите, кое завршувало со точка, имало прашање кое покажувало дека тој отворено се сомнева.