ЗНМ: Законот за медиуми им служи само на дневно политичките интереси на власта

by Фокус

За помалку од девет месеци македонската Влада во три наврати го менува Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. И овој пат, како и досега, владата го менува законот во скратена постапка без никаква консултација со новинарските и медиумите организации  и без јавна расправа, реагираат од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

„Тоа покажува дека целта на законот не е да ја заштити слободата на медиумите и да ги промовира интересите на медиумите и новинарите, туку да им послужи на дневно политичките интереси на владата. Со најновите измени Владата ги зголемува овластувањата на директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со цел да ги дисциплинира медиумите и го уредува начинот на исплата на надоместокот на националните радиодифузери за производство на домашна документарна и играна програма“, се вели во соопштението на ЗНМ.

Од здружението велат дека треба да се отвори дебата за законско регулирање на владините кампањи.

„Тоа е барање на новинарските и медиумите организации во земјата, но и на Обединетите нации и на Европската унија. Тој закон треба да го дефинира јасно јавниот интерес на владините кампањи, трошењето да биде транспарентно и распределбата да биде врз основа на јасни критериуми. Само така Владата може да ја подобри состојбата со слободата на медиумите во Македонија, во спротивно земјата ќе продолжи да паѓа на светските ранг листи по слобода на медиуми“, велат од ЗНМ.

Поврзани новости