Истрагата ќе покаже кој дал наредба во телефонските централи да се вгради систем за прислушкување, изјави денеска на прес-конференција премиерот Зоран Заев по обелоденување на информациите за прислушување во обвинителството.Тој рече дека не знае во која државна институција е набавена слична или иста телефонска централа, но нагласи дека раководното лице во институцијата одлучува што ќе се употребува од вградената телефонска централа.
– Раководното лице во самата институција, одлучува што од тоа ќе се употребува. Имаме системи каде што има потреба од снимање како што е снимање за следење судски рочишта… Самиот претседател на суд, шеф на обвинителство, министер, премиер или кој било одлучува што тоа употребува или не. Начинот на донесувањето на одлуката дека тоа се употребува, односно се става на снимање е кривично дело, и вториот дел начинот на користење на тоа е уште поголема злоупотреба. Истрагата треба да покаже навистина каде соодветното раководно лице дало наредба да се употреби односно да се вгради и вториот дел каде е тоа употребувано – рече премиерот.
Според неговите информации, системот во Основниот суд Скопје 1 се уште не е ставен во фунцкција, но системот е вграден.
– Кој тоа дозволил таков систем да се вгради? Во ЈО треба да си каже државниот јавен обвинител затоа што самите институции кога ги сменија своите раководни структури ја отворија веднаш истрагата. Така ќе биде и за секоја јавна институција. Првиот аларм којшто стигна до мене, еве и до министреката е да си провериме се што имаме вградено во самите институции. Се работи за локалите внатре, внатрешната комуникација помеѓу себе… Очекуваме одговорност – рече Заев.