Заев на средби со европратениците Ќучук и Чолош: Безрезервна поддршка за отворање на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ

by fokus

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, во рамки на дводневната работна посета на институциите на Европската Унија во Брисел, денеска, одржа одделни средби и со европратеникот Илхан Ќучук, кој е и известувач за Република Северна Македонија, како и со претседавачот на парламентарната група на „Обнова на Европа“, (Renew Europe), Дачијан Чолош.

Како што соопшти владината прес-служба, на двете средби во Мисијата на Северна Македонија во Брисел, кои беа оценети како одлични, беше изразена силна поддршка за отворање на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија, која како што беше нагласено, од своја страна ги исполни сите обврски.

-Соговорниците оценија дека пристапниот процес треба да биде фокусиран на европското законодавство АКИ (acqui) и беше заклучено дека сите други прашања, кои немаат поврзаност со европското АКИ треба да се адресираат билатерално, се наведува во соопштението.

На одделните средби со европратениците, на кои беше придружуван од министерот за надворешни работи Бујар Османи и шефицата на нашата Постојана мисија во ЕУ, Агнеза Руси-Поповска, премиерот Заев се заблагодари на Чолош и Ќучук на досегашната принципиелна поддршка од парламентарната група на „Обнова на Европа“, (Renew Europe) во Европскиот парламент, изразувајќи надеж дека таа поддршка ќе продолжи континуирано и понатаму, стои во соопштението.

Поврзани новости