Борел и Заев: Северна Македонија да ја одржи првата Меѓувладина конференција што поскоро

by fokus

Премиерот Зоран Заев ја привршува својата работна посетна на Брисел, попладнево тој се сретна со шефот на ЕУ дипломатија, Јосеп Борел, двајцата изразија надеж дека Северна Македонија ќе ги отвори формално преговорите со ЕУ што е можно поскоро, јави дописничката на МИА од Брисел.

Борел повтори дека нема никаква поддршка ниту во институциите на ЕУ, ниту кај земјите членки за одвојување на Северна Македонија од Албанија затоа што и двете земји ги исполнуваат условите.

-Северна Македонија ги исполнува потребните услови и заслужува да премине на следната етапа, изјави Борел по средбата со Заев.

Шефот на европската дипломатија потсети дека Северна Македонија е една од двете земји кои најдолго чекаат пред вратите на ЕУ, веќе 16 години.

-Има силна поддршка за одржување на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија што поскоро, знаеме дека чекате одамна, можеби 16 години, и сте втората земја што најдолго чека пред вратите на проширувањето, рече високиот претставник за надворешна политика на ЕУ.

Тој истакна дека на вчерашниот Совет на ЕУ се одржа долга дебата за Западниот Балкан и дека сите земји членки на ЕУ ја потврдиле нивната поддршка за европската перспектива на регионот.

Борел додаде дека Северна Македонија може да смета на поддршката на Еврпската Унија за изнаоѓање решение за процесот на пристапување во ЕУ како и во борбата против пандемијата од Ковид-19.

Северна Македонија во март 2020 доби безусловно зелено светло за отпочнување на преговорите со ЕУ, но Бугарија одбива да ја усвои преговарачката рамка на ЕУ за земјата поради билатералниот спор за јазикот. Без усвојување на преговарачката рамка, Северна Македонија не може да ја одржи првата Меѓувладина конференција со ЕУ со која формално се означува почетокот на преговорите.

Зоран Заев по средбата со Борел предупреди дека неисполнување на ветеното од страна на ЕУ ќе биде лош сигнал за целиот регион.

-Позитивен чекор напред за Северна Македонија ќе значи сигнал на охрабрување за целиот регион, пораз за Северна Македонија ќе значи обесхрабрување за сите, изјави премиерот Заев.

Шефот на македонската Влада овие два дена престојува во Брисел каде се сретна и со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен. Неговата порака до соговорниците во ЕУ е дека треба да се вклучат поактивно во надминување на блокадата на Бугарија и со тоа да го исполнат ветеното од нивна страна.
Зоран Заев истакна дека за граѓаните на Северна Македонија е јасно дека нема друг пат освен европскиот, но дека земјата не сака повеќе да чека.

Поврзани новости