Заев на средба со министрите за надворешни работи на Шведска и Финска

by fokus

Премиерот Зоран Заев, придружуван од министрите за надворешни работи Никола Димитров, за образование и наука Рената Дескоска и за труд и социјална политика Мила Царовска, се сретна со министрите за надворешни работи на Кралството Шведска, Маргот Валстром и на Република Финска, Тимо Соини.

„Иднината на Република Македонија е во Европската унија, ги охрабруваме и ги поддржуваме реформите на Владата што водат кон евроинтеграции на земјата“, е пораката што ја пренесоа министрите од Шведска и Финска, на премиерот Заев. Министрите Валстром и Соини изразија почитување за политиките на пријателство што ги водат премиерот Заев и Владата и низ коишто ги решаваат прашањата од интерес за сите граѓани и за државата. Исто така двајцата министри ги соопштија ставовите на нивните држави за поддршка на проширувањето на ЕУ.

Заев соопшти дека Владата на Република Македонија низ инклузивни политики во земјава и добри пријателски односи со соседите ги отвора евро-атлантските перспективи, затоа што стратешка цел на Македонија е членството во ЕУ и НАТО, што за државата значи стабилност и безбедност, но и поголем интерес за инвестирање во Македонија и развој на економијата.

На средбата е заклучено дека евро-атлантските перспективи ќе значат за Република Македонија и за целиот регион напредок на економски план, социјален развој и мирна иднина, што ќе ги мотивира младите луѓе да ја гледаат и планираат својата иднина во родната земја. Констаирано е, исто така, дека добра иднина за сите носи концептот на Владата за изградба на Република Македонија во едно општество за сите.

Поврзани новости