Заев ќе му испорача пет барања на Груевски, прво е формирање на техничка влада

by Фокус

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев и премиерот Никола Груевски во вторник ќе седнат на заедничка маса и ќе ги почнат преговорите, со што првиот човек на најголемата опозициска партија на Груевски ќе му ги испорача петте суштински теми кои премиерот треба да ги прифати, за да дојде до разрешување на политичката криза во земјава. На денешната прес -конференција, Заев нагласи дека прв услов во преговорите е формирање техничка влада што ќе спроведе слободни фер и демократски избори.  Покрај тоа, бара и одвојување на партијата од државата, регулација на медиумите и правична застапеност на опозицијата на јавниот сервис МРТВ и на останатите медиуми, прецизирање на Избирачкиот список и попис на населението.

– Тоа да е од сега јасно. Тоа е клучна тема на разговор помеѓу власта и опозицијата. Задача на таа техничка влада ќе биде да организира и да спроведе избори, на коишто граѓаните ќе можат слободно да ја изразат својата волја.  Второто барање на СДСМ е регулирање на одвојувањето на партијата од државата.  Меѓународната набљудувачка мисија побара цврсти гаранции за одвојување на партијата од државата, бидејќи се констатирани злоупотреби од власта на Груевски и несоодветно разграничување на партиските од државните активности – истакна Заев.

Тој додава дека третото барање на СДСМ е регулација на медиумите и правична застапеност на опозицијата на јавниот сервис МРТВ и на останатите медиуми.

– Мониторингот спроведен од ОБСЕ/ОДИХР потврди дека најголем дел од медиумите вклучувајќи го и јавниот сервис за време на изборниот процес известувале пристрасно кон владејачката партија. МТВ не одвоила застапеност на опозицијата што и следува по закон, а отсуствува независно известување кај најголем дел од медиумите.Четвртото барање е допрецизирања во изборното законодавство и посебно, јасно прецизирање на Избирачкиот список. Самата мисија на ОБСЕ/ОДИХР нотира загриженост за точноста на Избирачкиот список и голем број лица кои живеат на иста адреса. Фантомските гласачи на кои укажуваше опозицијата на претходните избори, на овие избори се умножија. Поради последново, потребно е спроведување попис, со што партнерите Груевски и Ахмети свесно калкулираат веќе подолг период. Тоа е петтото барање на СДСМ и коалициските партнери – тврди Заев.

Според него, без прифаќање на овие барања, коишто создаваат основен предуслов за фер избори, договор нема да има.

– Искуствата од договорите со Никола Груевски покажуваат дека тие практично не се реализираат. Затоа, нагласувам дека се што евентуално ќе се договори во иднина со Груевски, ќе се смета за договорено, само ако во неговото спроведување, целосно биде вклучена опозицијата, и за реализиацијата, гарант биде претставник на Европската унија – рече Заев и нагласи дека кандидатите за пратеници на СДСМ и на коалициските партнери нема да се вратат во Парламентот.

Тој денеска истакна дека Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ги фалсификуваа изборите, насила верификуваа мандати, за насила да го комплетираат.

– Тоа што тие го изгласаа не е Влада на граѓаните на Република Македонија! Тоа е Влада на Никола Груевски, на неговата фамилија и на полтронската ДУИ на Али Ахмети. Денеска, повторно, премиер на Македонија стана човек, за кој има цврсти докази дека договорил пари во кеш од 1.500.000 евра. Во семејно-преплетената Влада останаа: неговата најблиска соработничка во кешовите, Јанкулоска, кумот на Груевски и на задолжувањето на државата до гуша, Ставрески, креаторката на милионските анекси, Канческа Милевска, тендер мајсторот Тодоров, извршителот на медиумската кастрација, Иво Ивановски, возачот на Македонија кон ЕУ, но во рикверц, кој го потпомага можното губење на препораката за земјава, Попоски… – рече Заев.

Според него, во некои нормални околности, кога се избира Влада, ќе го прашувале Никола Груевски за 8-те години неуспешно владеење.

– На пример, ќе прашавме врз која основа во 2006-та година, кога дошол на власт, тој имал „нескриени надежи“ за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ во 2007-ма година, и како се случи 9 години потоа, да има скриени стравови дека Македонија ќе ја изгуби препораката? Ќе споредувавме како, од најавите за просечна стапка на раст на БДП од 6-8 проценти во 2006-та, Груевски ги намалуваше надежите на 5, па на 4, и како земјата денес стигна на работ на сиромаштијата? Ќе го потсетевме дека една од неговите најави беше решителна борба против криминалот и корупцијата, а наместо тоа, тој и неговите министри се најдоа во криминално корупциски афери – рече Заев.

Тој тврди дека, сега не е време да се анализира и нема потреба да се прашува.

– Веќе се е јасно и сите знаат дека ова денеска е истиот Никола Груевски, од 2006, 2008, 2011. Истиот тој Груевски, во 2014 година. Тој Груевски, кој манипулира, лаже, дури и излегоа докази кои создаваат основано сомневање дека краде. Тој кој и ја украде иднина на Македонија – нагласи Заев.

Според него, досега Груевски правел што сака во оваа земја, ја злоупотребувал конструктивноста на опозицијата, којашто секогаш во преден план ги имала интересите на државата.

– Институциите ги претвори во партиски испостави на ВМРО-ДПМНЕ. Ја уништи државата. Нема држава – се е партија. Кулминација се криминалните избори годинава, дрските кршења на Уставот и законите. СДСМ повеќе нема да дозволи продолжување на овие политики на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ. Наспроти Груевски и власта на ВМРО-ДПМНЕ, застанува Социјалдемократскиот сојуз со коалициските партнери, коишто ќе ја вратат Македонија да биде држава на сите граѓани. Вчерашните постапки на власта покажаа дека Никола Груевски знае да функционира само под притисок. Груевски побара лидерска средба и почеток на разговори. Јас ја прифатив таа средба, на којашто ќе ги испорачам темите за разговор што ги бараат СДСМ и коалициските партнери – додаде Заев.

Тој истакна дека депонираните оставки на пратениците се доказ за непроменливиот став на опозицијата во врска со ова прашање.

– Во Македонија мора да се врати демократијата. Мора да се ослободат институциите, професионално да си ја вршат својата работа. Иднината на земјата се ЕУ и НАТО, а не хибридните режими. СДСМ и коалициските партнери ќе ја вратат Македонија меѓу развиените демократии, на вистинскиот пат, таму каде што и е местото. Ние знаеме дека заедничката борба на опозицијата и на граѓаните се враќање на слободата демократијата и правната држава. Наша заедничка цел е и мора да биде – нормална земја и достоинствен живот на сите граѓани подеднакво – рече Заев.

 

Поврзани новости