Заев: Јавниот обвинител ќе го бира опозицијата

by fokus

 Лидерот на СДСМ Зоран Заев во интервју за 24 Вести детално зборуваше за изборната програма на неговата партија, за очекувањата и плановите за и по изборите закажани на 11 декември.

Тука, меѓудругото, Заев најави реформи во судскиот систем, независно економско тело за поголема транспарентност на трошењето на народните пари и промена на начинот на избор на државниот јавен обвинител.

-Јавниот обвинител ќе се бира на предлог на опозицијата, за да ја чува државата од власта.  – рече Заев.

За да се ограничи власта и тактизирањето на политичарите со носењето одлуки и реформи, Заев најави и дека ќе го ограничи мандатот на премиерот на максимум два мандати.

Зборувајќи за економските реформи, Заев убедува дека нивните ветувања можат да се реализираат, бидејќи како што рече,  Македонија има пари за се, но граѓаните тоа не го чувствуваат поради лошото менаџирање на власта со државниот буџет.

-Кога ќе порасне минималната плата, тоа ќе ја отвори спиралата на покачување и на другите плати. Државата преку буџетот ќе им помогне на домашните претпријатија. Ако народот има пари и дуќаните ќе имаат пари. Ако дуќанот има пари ќе има и повисоки плати за вработените. Така ќе има пари во државниот буџет, така државата преку буџетот ќе ги помага домашните фирми за да имаат можност да даваат повисоки плати и да отвораат нови работни места. Нашата цел е просечна плата во Македонија од 30 илјади денари. – рече Заев.

На крајот, Заев порача дека верува во сигурна победа на 11 декември.

-Народот одвај чека да го стави крајот на режимот. Вистинските анкети ќе се видат на 11 декември-  рече Заев.

Поврзани новости