ДИК демантира дека испечатила 80 000 гласачки ливчиња повеќе

by fokus

Државната изборна комисија ги демантираше информациите дека биле испечатени дури 80 000 пробни гласачки ливчиња.

-Дезинформациите и шпекулациите кои се шират низ медиумите во однос на доверливиот изборен материјал за наводно осумдесет илјади пробни испечатени гласачки ливчиња, Државната изборна комисија ги демантира во целост. Државната изборна комисија има целосна контрола врз целиот изборен процес, а особено врз печатењето на доверливиот изборен материјал-стои во соопштението на ДИК.

Од ДИК велат дека изводите од Избирачкиот список се испечатени, проверени, потврдени и потпишани од сите членови на ДИК и дека се испечатени и гласачките ливчиња, кои се пакуваат за достава до надлежните општински изборни комисии во наредните денови.

Претходно денеска, агенцијата „Мета“ објави дека печатницата „Киро Дандаро“, која официјално ги печати гласачките ливчиња за предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември, во саботата попладне отпечатила 80.000 ливчиња повеќе заради тестирање на опремата за печатење.

Поврзани новости