Заев денеска ќе ги предложи новите министри: Сугаревски останува во транспорт, Манчевски може да оди во МЕПСО или ЕЛЕМ?

by Фокус

Премиерот Зоран Заев денеска треба да ги достави до Собранието имињата на министрите кои ќе бидат дел од новата реконструирана Влада, по што предлогот треба да биде усвоен на собраниска седница во текот на следната недела.

Како што неодамна објави Фокус, нов министер за екологија ќе биде Насер Нуредини, син на познатиот бизнисмен во Виена со потекло од тетовско Аки Нуредини, додека сегашниот министер Садула Дураку треба да ротира во новото министерство за политички систем.

Според неофицијални информации, лидерот на ЛДП Горан Милевски влегува во извршната власт како нов министер за локална самоуправа, а НДП на Весел Мемеди како компензација треба да го добие министерството без ресор што досега го раководи Зоран Шапируќ од ЛДП.

Во јавноста излезе информација дека професорот на Медицински факултет Хисни Исмаили е предлог на Алтернатива на Африм Гаши за нов министер за култура, додека кадарот на ДПА на Мендух Тачи – Бардуљ Даути, ќе остане министер за странски инвестиции.

Владини извори велат дека сепак нема да има промени во министерството за транспорт и врски, каде Горан Сугаревски, како што веќе било навестено, ќе остане на оваа функција доколку не се случи некое изненадување во последен миг.

Но, неофицијално се споменува можноста да дојде до промена во министерството за информатичко општество, бидејќи на сегашниот министер Дамјан Манчевски му било понудено да одлучи дали ќе продолжи да ја извршува министерската функција или пак да замине на директорска позиција во државна компанија во енергетскиот сектор – МЕПСО или ЕЛЕМ.

Инаку, предлогот до собранието првично требаше да биде доставен во петокот, но Заев го одложи за денеска, поради тоа што земјава е домаќин на Конституенцата на повеќе од 15 министри за финансии, гувернери, тројца потпретседатели на Светската банка и двајца потпретседатели на Меѓународниот монетарен фонд.

По реконструкција на Владата, премиерот најави дека ќе следуваат и промени во вториот и во третиот ешалон, со кој треба да бидат опфатени директори и членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија.

Поврзани новости