Заев: Борисов не ме повика да разговараме за Орце Камчев, тој е европски премиер

by fokus

Бојко Борисов во никој случај не ме повика за македонскиот бизнисмен Орце Камчев, кој е под истрага. Тој не би дозволил такво нешто, бидејќи тој е европски премиер и го почитува владеењето на правото, изјави премиерот, Зоран Заев, во интервју за бугарската телевизија БГНЕС, прашан за случајот „Рекет“ и објавените инфрмации во медиумите дека Софија наводно бара да биде заштитен Камчев кој е под истрага.

–Ние сме европска земја и сакаме да зборуваме за иднината и да направиме модерна политика. Ова е политика што ја прават Макрон и Меркел, политика ориентирана кон иднината, која им дава перспективи на младите – рече Заев.

Во врска со настаните од историјата и нивното заедничко одбележување, Заев очекува мешовитата експертска комисија да ја продолжи работата и наскоро да има резултати за спорните прашање.

-Историските факти во врска нашата заедничка историја се јасни и од тоа нема бегање. Комисијата треба да си ја заврши работата за што има поддршка од мене и од Бојко Борисов – рече премиерот.

Договорот за добрососедство, според него, стави крај на системот, кој беше воспоставен по 1945 година, и со децении ги труеше билатералните односи.

-Бугарија може многу да ни помогне во процесот на европска интеграција и веќе многу ни помога. Таа беше прва што се бореше со Европската комисија за да добиеме датум за почеток на преговорите. Бугарија го сподели целото свое искуство од процесот на пристапни преговори. Таа беше една од првите земји што го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО. Бугарија го покажа своето пријателство. Верувам дека и ние го покажуваме истото – наведува Заев.

Тој додаде дека паралелно се гради и брз пат од Куманово до бугарската граница.

-Патот ќе биде завршен за две години и веќе нема да мораме да патуваме по патишта со дупки кога сакаме да одиме во Софија или Скопје – вели Заев.

Поврзани новости