„Зад хибридните закани стојат странски и домашни актери, целта е да се внесе страв кај граѓаните“

by Fokus

„Граѓаните се безбедни и безбедносната ситуација е стабилна. Се соочуваме со интензивен хибриден напад чија цел е да внесе вознемирување, страв, паника и хаос кај граѓаните“ рече денеска секретарката на Советот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, Даниела Илиоска.

НАТО делегација предводена од заменик-помошникот генерален секретар за новите безбедносни предизвици, Џејмс Апатураи се наоѓа во земјава, пришто беше одржан состанок на експертско ниво на кое учествуваа и членовите на Оперативниот тим на Советот.

Илиоска рече дека заканите доаѓаат со разгорувањето на воената агресија на Русија врз Украина и тие се комбинација на странски и домашни актери.

„Ова е случај и во другите земји од регионот и на други НАТО членки. Сите земји од слободниот свет се соочуваат со зголемен интензитет на хибридни закани. Меѓународно соработуваме со сите партнерски безбедносни организации и институции, од првиот ден и првата закана. Денеска имаме на гости и експертски тим на НАТО кој е тука за да ја продлабочиме таа соработка“ – рече Илиоска.

Поврзани новости