„Забранета“ компанија и фирма поврзана со лице под прогон ќе вршат надзор на изградбата на коридорите 8 и 10

by Фокус

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека сите што се сомневаат во компаниите кои вршат надзор на конзорциумот „БехтелЕнка“ за изградба на Коридорот 8 и 10 треба да ги достават своите докази до Јавното обвинителство. Според него, Владата нема пристап до евалуација и проценка на документацијата и интегритетот на компаниите кои го надгледуваат проектот вреден 22,6 милиони евра, предводен од италијанската компанија „ИРД Инженеринг“.

-Владата не врши евалуација ниту прибирање на документи по однос на компании, тоа го прави стручна комисија. Компанијата „ИРД“ ќе работи заедно со американски „Бехтел“, а доколку има лица или подизведувачи за кои постои сомнение за нивниот интегритет од страна на кого било во државата, тогаш тоа може да го пријави во Јавното обвинителство – рече Ковачевски.

Сепак, како што додаде тој, обврска на компанијата што го има добиено тендерот за извршување на надзорот на сите делници, без разлика кој е во нивниот конзорциум, тоа да го направи навремено и во квалитет според договорот и во соработка со американски „Бехтел“.

Неговата изјава доаѓа откако „Призма“ објави дека во дел од конзорциумот „ИРД инженеринг“, кој го доби тендерот за надзор на изградбата на коридорите 8 и 10, се фирми во кои свој удел има и македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ, кој е под истрага на обвинителството во Ерменија за „развојот и спроведувањето на проектот патен коридор Север – југ во периодот од 2009 до 2018 година“.

Во Македонија, фирмата каде Димитријевиќ е еден од сопствениците е „Евро консалтинг“, како и фирмата за која работел во Ерменија –  шпанската „Ептиса“, се дел од конзорциумот што ќе треба да прави надзор на изградбата на автопатиштата кои ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Во однос на ова, се огласи и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој рече дека станува збор за „епски криминал од неколку милијарди евра“. Притоа, тој посочи дека Владата 24 ноември 2020 година, кога вицепремиер е Артан Груби, заменик министер за финансии е Димитар Ковачевски, а премиер е Зоран Заев, го донела следниов заклучок:

„Сите државни институции, општини кои реализираат капитални инвестиции поголеми од еден милион евра во денарска противредност да не ја ангажираат шпанската фирма „Ептиса“ од причини што истата неетички, незаконски и несоодветно постапила како надзор во поглед на првата фаза од изградбата на железничката пруга Куманово – Бељаковце“.

Меѓутоа, додаде Мицкоски, на 16.11.2021 година Министерството за транспорт и врски и дава позитивна референца на „Ептиса“. Потоа, се објавува тендер за надзор за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10, за што краен рок за поднесување понуди е 17 октомври 2022 година. Воедно, 7 дена пред истекот на крајниот рок се менува тендерската документација во делот за странски понудувач, така што наместо биланс на состојба се бара ревизорски извештај.

-И замислете, најповолен понудувач е конзорциумот „ИРД инженеринг“, здружен со „Ептиса“. Овие треба да одлучуваат за вашите 2 милијарди евра, вие треба да се задолжите, кредит да земете, вашите деца, вашите внуци, тие пари да ги плаќаат. Ова е Европа? Ако е ова анти ЕУ, тогаш јас мислам дека ЕУ се срами што овие и го злоупотребуваат името. Еве нека видат, самите што правеле и како правеле – порача Мицкоски.

Поврзани новости