За три дена пристигнува набљудувачкиот тим на ОБСЕ/ОДИХР

by fokus

За три дена, односно на 19 јуни во земјава пристигнува набљудувачкиот тим на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, кој ќе биде подготвен за работа од 22 јуни, изјави за МИА портпаролката на ОБСЕ/ОДИХР, Катја Андруш.

Мисијата доаѓа во земјава откако вчера беа усогласени ставовите за одржување на изборите на 15 јули.

Се работи за Специјална изборна оценувачката мисија составена од седум експерти кои ќе бидат сместени во Скопје и од главниот град ќе го следат целокупниот изборен процес.

„Мисијата внимателно ќе оценува колку изборите се одржуваат согласно заложбите на ОБСЕ и останатите меѓународни стандари за демократски избори, како и согласно националното законодавство“, појасни Андруш.

Пред пандемијата со ковид-19, Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) најави 250 краткорочни набљудувачи на денот на изборите, но и претставници на парламентарните собранија на ОБСЕ и Советот на Европа, како и свои долгорочни набљудувачи, но како што велат од ОБСЕ/ОДИХР биле принудени да ја суспендираат оваа набљудувачка мисија поради ограничувањата на патувањата, и мерките за заштита на здравјето.

„Безбедносните аспекти, како и продолжените рестрикции во меѓународните патувања и ограничувањата за влез во земјите во кои се одржуваат избори создаваат предизвици за сите наши активности поврзани со изборите и пред се за воспоставување на долгорочни и краткророчни набљудувачи, кои се испраќаат директно од земјите-членки на ОБСЕ“, вели Андруш.

ОБСЕ/ОДИХР на покана на македонската Влада испраќа специјална мисија за следење на предвремените парламентарни избори, а мисијата во неделата соопшти дека објавила конкурс за ангажирање експерти од различни области кои треба да го следат изборниот процес. Конкурсот завршува денеска и во него се бараше шеф на мисијата на Северна Македонија и негов заменик, политички и изборен аналитичар, како и аналитичар за регистрација на гласачи, правен и медиумски советник. Мисијата ќе биде во траење од три недели.

Поврзани новости