За малку…

by fokus

Сѐ додека сериозно не се спроведат реформите и не се смени менталниот склоп на политичарите од калкуланти во реформатори, сѐ додека мислиме дека со марширање и глупирање по улиците ќе докажеме некому дека сме реформатори, а без реформи, ние ќе бидеме за малку држава

Звонко ДАВИДОВИЌ

Чудно е, колку малку е потребно да бидеме среќни, а уште почудно е колку често, баш, тоа малку недостасува, напишал многу одамна Иво Андриќ. Со оваа мисла, во неколку збора ја отсликал, не само природата на човекот и неговото живеење, туку го отсликал и начинот на општественото живеење и начинот на колективно размислување.

Многу често можеме да слушнеме и да прочитаме, како за малку некои работи не успеале, или не се случиле. За малку, Ибраими приведен со полиција, рочиштето за Титаник одложено… Товарен брод, за малку, ќе уништеше спортски центар… За малку, прегазен полицаец… Навивач втрча на терен и, за малку, ќе дадеше гол за победа… За малку, ракометната репрезентација не освои…. Медена земја, за малку, не освои Оскар…

КАКВИ МОЖЕВМЕ ДА СТАНЕМЕ

На партиските пресови можете да чуете како, за малку, не добивме датум за преговори, како за малку, не е донесен овој или оној закон, како за малку не дојде до посакуваното решение во партиските преговори.

За малку, немаме просечна плата од 500 евра, за малку не дојде живот во земјава, за малку ќе ја ослободевме заробената држава, ќе ви кажат низ насмевка, мајтапејќи се некои луѓе.

И сѐ така, за малку, ние сме, сепак, таму каде што и бевме, онакви сме исти, како и пред она, за малку какви ќе станевме, или можевме да бидеме. Тоа, за малку, како малку да им се чини на некои, а е толку многу, што децении ќе треба да поминат, за тоа за малку да се случи. Зад секое за малку стои толку многу работа, залагање, толку многу енергија и памет да се вложат, за тоа за малку да стане навистина достижно и можно.

За да станете шампион во ракомет, или кошарка, потребно е многу работа и труд, многу пари и помош на државата, сериозни и чесни луѓе на чело на сојузите и стручни и способни луѓе на чело на репрезентациите. Дури тогаш, кога ќе го направите сето ова и ќе ги обезбедите и исполните неопходните услови, ќе можете да кажете за малку. Тогаш, тоа за малку ќе стане реалност и ќе зависи од спортската среќа. Сѐ до тогаш, тоа за малку ќе биде предмет на мајтап, пуста желба и измислица, лага што служи за замајување на јавноста.

Исто е и со општественото живеење и со политичкиот живот. Зад секое за малку стои несработена работа, голо политичко ветување, популизам и политикантство. Секое за малку е лага, измама и измислица и е толку многу далеку од реалноста и посакуваната цел. Секое за малку е толку многу непреземени нешта, пуста желба без реална основа за верување и достигнување на саканото или ветеното. Тоа за малку е еднакво на можевме да имаме, ама немаме, и освен што служи за оправдување, друга вредност нема, ниту ќе има.

За да можеме да помислиме и да кажеме за малку ќе добиевме датум за преговори, сериозно треба да ги сфатиме работите и да се зафатиме со решавање на проблемите и состојбите наталожени со години, кои се дијагностицирани, исто така, со години.

Верувањето дека со шминка, ставање розови наочари, постојана партиска пропаганда или спинување ќе убедиме некого дека сме се зафатиле со решавање на проблемите е апсурд и глупост. По толку многу години и лаги, никој повеќе не им верува на политичарите и на партиите на збор без видлив резултат, а резултат нема.

НЕМА ПАЗАРЕЊЕ СО ПРАВДАТА

Резултат може да има само тогаш, кога на челните позиции ќе дојдат луѓе што имаат идеја и енергија за спроведување реформи, луѓе без багаж од минатото или партиски долг. Луѓе на кои ќе им биде јасно дека реформите ќе бидат болни, нималку популарни, дека ќе мораат да се судрат и со, условно кажано, своите и нема да прават компромиси и отстапки, поради никого и ништо, а особено нема да го изигруваат законот и да го кршат поради некои повисоки интереси и цели.

Секое кршење на законот или пазарење со него, секое изигрување на законот или негово користење во партиски цели, колку да е добивката висока, а целта благородна, ве прави ист како и оние против кои се борите, затоа што го кршеле законот или ја заробиле државата. Така и почнува заробување на институциите и државата со благородни и повисоки цели за да заврши бедно и срамно со исполнување лични и партиски интереси.

Ако еднаш го прекршите законот, или си поиграте со него од позиција на власт и моќ, а за тоа нема санкција, тоа повторно ќе го направите, ама за себе и за блиските. Тоа веќе неколкупати сме го виделе во Македонија во минатото, ликовите се менувале, но принципот бил ист.

Пазарењето со правдата и правичноста, без оглед на благородните цели е исто недозволиво и погубно, како и изигрувањето на законот и води кон истиот резултат. Ветувањето за неселективна правда и еднаквост пред законот, исто така, паѓа во вода како и останатото, и станува само замајување и мамење ако за ист настан ги амнестирате само тие што во мигот политички ви требаат.

Сето тоа не ги прави различни двете власти, односно партии, кои периодично се менуваат на политичката сцена затоа што резултатот е ист, непочитување на законот, користењето на судството како механизам за политички потреби и цели. Така не се ослободува заробена држава.

Сѐ додека сево ова не се исправи и смени, сѐ додека сериозно не се спроведат реформите и не се смени менталниот склоп на политичарите од калкуланти во реформатори, сѐ додека мислиме дека со марширање и глупирање по улиците ќе докажеме некому дека сме реформатори, а без реформи, ние ќе бидеме за малку држава.

Поврзани новости