Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека американските царини за Србија ќе бидат привремено укинати од ноќеска додека траат преговорите со САД.
Вучиќ изјави дека американските царини од 35% за Србија предизвикале многу проблеми за домашните компании, но дека тие од вечерва ќе бидат укинати, односно ќе бидат „намалени на нула проценти“.
-Од вечерва, царините за Србија се нула проценти, за одреден период. Секако во иднина тие ќе бидат, мислам, помеѓу 10 и 12, но засега и за некое време додека траат разговорите, тие ќе бидат нула проценти – изјави тој за РТС.
Новата одлука, според Вучиќ, би можела да донесе „буквално стотици милиони долари нови инвестиции“, наведувајќи дека очекува нови инвестиции од компаниите што веќе работат во Србија, но и дека тоа ќе испрати силен сигнал до другите јапонски, корејски и други странски инвеститори.
Пред речиси една година, САД воведоа царина од 35 проценти за увоз на стоки од Србија.
Зборувајќи за разговорите со американската администрација, Вучиќ изјави дека Србија има интензивни контакти со претставниците на САД, заблагодарувајќи му се на државниот секретар Марко Рубио, но и на претседателот на САД, Доналд Трамп, нагласувајќи дека тој постојано емитувал делови од своите интервјуа и покажувал внимание кон Србија.
-Ова сега отвора нова ера во нашите односи – оцени Вучиќ.
Тој нагласи дека е изненаден од тоа колку позитивно реагирале граѓаните на веста.