Врховен суд се уште се мисли дали Јанкулоска треба да оди во затвор

by fokus

Помина речиси една година откако екс министерката Гордана Јакулоска се спаси од одењето во затвор, бидејќи и покрај првосилната пресуда, според која требаше да одлежи 4 години зад решетки, Врховниот суд и го одложи извршувањето на казната.

Ваквата одлука беше донесена откако Јанкулоска поднесе барање за вонредно преиспитување на пресудата за случајот „Тенк“, односно Врховниот суд одлучи дека таа нема да оди зад решетки се додека не донесат одлука за пресудата.

Побаравме одговор од Врховниот суд дали е одлучено по барањето на Јанкулоска, а од таму не информираа дека одлуката се уште не е донесена.

-Предметот е земен во работа, но се уште нема одлука, одговорија од Врховниот суд за “Фокус”.

Овој суд може да ја потврди пресудата со што екс министерката веднаш би се упатила во затвор, би можеле да ја укинат пресудата и да го вратат случајот од почеток, или мериторно да одлучат.

На овој начин од решетки се спаси поранешниот премиер Владо Бучковски. Тој во 2014 година требаше да влезе во затвор за да одлежи двeгодишна казна затвор за случајот „Тенковски делови“, но Врховниот суд му ја одложуваше казната се до 2016 година, кога го врати случајот од почеток, a потоа дојде до застарување на кривичното дело за кое се гонеше.

Јанкулоска со првостепена пресуда беше осудена на 6-годишна казна затвор, а Апелација и ја намали казната на 4 години. Таа се гонеше по обвинение на СЈО, за набавката на луксузниот „мерцедес“ од 580.000 евра. За истата набавка беше осуден и екс премиерот Никола Груевски, но тој избега во моментот кога требаше да влезе во затвор.

В.В.

Поврзани новости