Љупчо Палевски- Палчо, кој синоќа беше екстрадиран од Турција и сместен во истражниот затвор ,,Скопје”, според законската процедура наскоро би требало да биде повикан на распит во скопското обвинителство.
Тој пред обвинителот, задолжен за случајот, ќе треба да ја каже својата приказна за двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежоски. Може да се брани и со молчење, но ако се земат во предвид неговите писма од затворот во Турција, тогаш се очекува да ги негира кривичните дела кои му се ставаат на товар. Сепак на крајот се ќе зависи од стратегијата за одбрана што ќе ја договори со својот адвокат.
Засега е непознато кој ќе го застапува Палески, дали сам ќе успее да ангажира адвокат или ќе му биде доделена по службена должност.
Не се исклучува можноста Палески да биде изведен и пред судија на претходна постапка, во врска со притворот кој му беше одреден во отсуство, но сепак не се очекува вакво нешто, бидејќи за македонските судски власти тој беше бегалец од правдата, па притворот е основан.
Истрагата за овој случај веќе финишира, па наскоро се очекува да биде поднесено и обвинение, а осомничените да седнат на обвинителна клупа во судница.
Истрагата за двојното убиство беше отворена на 5-ти декември лани, што значи дека на 5-ти јуни завршува првичниот шестмесечен рок. Иако оваа временска рамка предвидена во Законот за кривичната постапка (ЗКП) може да се продолжи, еднаш со дозвола на виш јавен обвинител, а еднаш со одобрение на републичкиот, сепак како што дознаваме, тоа во случајот нема да биде побарано. Имено, истрагата е при крај и наскоро ќе биде поднесено обвинение.
Според ова темпо, обвинителниот акт би требало да биде поднесен во јуни, а по неговата оцена, судењето најверојатно би стартувало во септември, а можеби и порано, дури за време на судската ферија, кога се судат итни притворски предмети.
Покрај Палевски, за случајот се осомничени и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, кои се товарат за по две кривични дела – убиство и грабнување. Меѓу осомничените е и таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, кој по неколку месеци поминати во затворот во Шутка од неодамна се наоѓа во куќен притвор откако Врховниот суд му ја уважи жалбата.
Валентина Вурмо