Распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители најавува ВМРО-ДПМНЕ – партијата што освои најмногу гласови на изборите и чиј претседател Христијан Мицкоски ќе биде мандатар. Но, експертската јавност е децидна дека не постојат правни механизми за распуштање на Советите и секој обид за укинување на мандатите на членовите преку посебни законски измени ќе отстапи од Уставот и ќе создаде опасен правен преседан. Судскиот совет порачува дека судството не е марионета на политичарите, додека Советот на јавни обвинители си молчи!
Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
Партијата за која јавноста пред години слушаше како избирала партиски судии, кои беа дел од тефтерчето на поранешната министерка Гордана Јанкулоска, сега ќе го ослободува судството од стегите на извршната власт и ќе спроведува политики за расчистување со судирот на интереси во правосудството, присутниот непотизам, партизација и кронизам.
Телефонските разговори што ги објавуваше тогашниот опозициски СДСМ покажаа дека додека Александра Зафировска беше на чело на Судскиот совет, ширум ја отворила вратата за политички влијанија и ѝ овозможила на тогашната владејачка партија целосно да ги контролира институциите на судскиот систем.
Партијата нарачувала и договарала избори на судии, директно интервенирала во носење судски одлуки, корупција, реваншизам и, со еден збор, ги политизирала сите сегменти на судската власт.
Зафировска го известувала и го консултирала тогашниот премиер Никола Груевски при носењето на најзначајните одлуки на Судскиот совет и тој имал клучна улога при изборот на судии и стручни соработници.
Таа, заедно со Груевски, тогашниот министер за правда, Блерим Беџети, поранешната министерка за внатрешни работи и првиот човек на УБК, Сашо Мијалков, одлучувале заедно за избор на „подобни“ судии и за разрешување на „неподобни“ судии, а стручните соработници ги избирале според партиски списоци.
На поранешната судијка во Кривичниот суд, Софија Лаличиќ, пак, Мијалков ѝ ветил дека ќе биде избрана за судијка, една година претходно. Во нејзиниот избор биле вмешани одредени членови на Судскиот совет, високи функционери од извршната и од судската власт, а клучна улога одиграл Мијалков.
Судијката од Вишиот управен суд, Светлана Костова, пак, два-три месеци по стапувањето на функција во судот, била судијка, но работела и во УБК. Таму организирала состаноци и во исто време судела.
Одговорност пред Судскиот совет за овие судии никогаш немале бидејќи рокот за одговорност бил поминат. Единствено беше разрешена Лаличиќ, но за минорна работа, оти казнила адвокат кој пишувал за навреди на Фејсбук.
Голем дел од имињата на судиите што се споменуваа во тие телефонски разговори останаа да си судат.
Сите идни состави на Судскиот совет, но и Советот на јавни обвинители, додека СДСМ беше на власт, ги следеа контроверзии и скандали. Довербата паѓаше, па од 4 отсто, стигна на ниво на статистичка грешка.
Сега кога ВМРО се враќа на власт во својата изборна програма „Платформа 1198“, во делот „Фронт против корупцијата“ најавува распуштање на сегашниот состав на Судскиот совет, но и на Советот на јавни обвинители.
И во своите јавни настапи, партискиот лидер Христијан Мицкоски, кој ќе биде иден мандатар, е дециден дека овие две тела го изгубиле кредибилитетот и дека ќе бидат распуштени.
За време на кампањата имаше и една теза дека ветувањето за разрешување не се однесува на мнозинството од осум членови, кои сами си ги избираат судиите, туку на петте члена што ги избира Собранието.
Но, тоа е според законските основи што постојат сега, па така овие членови ќе бидат примарен фокус, а следните најверојатно ќе дојдат потоа на ред по некакви нови законски измени.
„Фокус“ побара дообјаснување од партијата, но во одговорот не прецизираат во каква правна процедура ќе се сменуваат сегашните членови и дали ова важи само за членовите избрани во Собрание или за сите.
„Распуштањето на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители е резултат на огромното политичко влијание што се остваруваше во претходниот период, што резултираше со супер ниско ниво на доверба во правосудниот систем и хроничен недостиг од правда.
Изборот на новите членови ќе се изврши преку законски измени, а ќе биде направен од самите судии, оставајќи ја политиката надвор од судскиот систем“, објаснија од партијата за „Фокус“.
Во програмата се предвидуваат законски измени, според кои, ќе се утврдат строги и објективно мерливи критериуми, кои треба да ги исполнат новите членови, избрани на предлог на Собранието и на претседателот на државата.
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК