Вработените од СЈО оставени без плати, најавуваат тужби и кривични пријави

by fokus

Вработените сега веќе згаснатото Специјално јавно обвинителсво преку соопштение до јавноста алармираат дека близу сто вработени во СЈО повторно се оставени без плата, а со тоа и без здравствено осигурување.

Како што објаснуваат проблемот настанал поради незаконското пренаменување на буџетот за СЈО за 2020 година од страна на Собранието што се случи кон крајот на минатата година, со што средствата беа адресирани на сметката на Државната изборна комисија

-Имено, досегашните плати и тоа, октомвриската и ноемвриската плата, во отсуство на овластен потписник во СЈО, беа исплатени со присилно извршување од буџетот за минатата година преку Управата за јавни приходи. Сепак, проблемот настана кога се јави потреба од присилно извршување на декемвриската плата. Така, поради фактот што во буџетот на СЈО за 2020 година предвидени се финансиски средства само на ставката за плати, која ставка, согласно образложението на Министерството за финансии, е изземена од присилно извршување, не постои можност за присилна наплата на платите на вработените лица, што е апсурдна ситуација – да не може присилно да се изврши исплата на плати од ставката за плати од буџетот на СЈО!  Во насока на надминување на овој проблем остварена беше средба со преставници на Министерството за финансии, а планирана е средба и со Јавниот обвинител на Република Северна Македонија. Апелираме надлежните државни институции во најбрз рок да го разрешат овој апсурден проблем во интерес и на владеењето на правото и во интерес на вработените кои не по своја вина се оставени во незавидна ситуација, се вели во соопштението.

Во спротивно, вработените најавуваат дека ќе поднесат тужби за неисплатени плати, но и кривични пријави за одговорните лица и институции поради незаконската пренамена на буџетските средства за СЈО.

Тие потсетуваат дека на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието едногласно беше усвоен амандман на Буџетот со кој финансиските средства предвидени за СЈО се пренаменија за друг буџетски корисник, поточно за спроведување на предвремени парламентарни избори, што беше прифатено од Министерството за финансии, а беа оставени средства само за исплата на плати на вработените.

-И тогаш, а и сега, информираме дека станува збор за флагрантно прекршување на законот, што повлекува и кривична одговорност имајќи предвид дека член 16 став 3 од Законот за ова Јавно обвинителство пропишува дека Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Министерството за финансии и Собранието на Република Северна Македонија не можат да го менуваат финансискиот план од членот 13 став 2 и ќе го вградат во Буџетот на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Ова особено ако се има предвид дека Законот за СЈО е во сила до 15 септември 2020 година, до кога и постои оваа институција. Се поставува прашањето доколку Министерството за финансии знаело дека има пречка за присилно извршување од ставката на плати и знаело за потребата од присилно извршување како начин на исплата на платите, зошто не алармирало за ваквата состојба и го прифатило ваквиот предлог буџет, односно амандман на истиот, се додава во соопштението.

Поврзани новости