Министрите од „Вајмарската тројка“ од Франција, Германија и Полска кои се денес во Скопје порачаа дека продолжување на патот кон ЕУ за земјава е невозможно без уставните измени. Според нив 2030 година е реална цел за членство на Македонија во ЕУ, но сметаат дека сега е моментот да се преземе одговорност.
Не сме дојдени само да ги повториме условите, туку и да оддадеме признание за досегашните напори на Северна Македонија на патот кон Европската Унија, порача Лоранс Бун, државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција, Ана Лирман, министерка за Европа и клима на Сојузна Република Германија и министерот за Европска Унија на Република Полска, Шимон Шинковски вел Сенк.
Германската министерка за Европа Ана Лирман по средбата со заменик премиерот за европски прашања Бојан Маричиќ рече дека сите политички сили да ги поддржат уставните измени за да се обезбеди попросперитетна иднина на земјава.
„Цврсто ги поттикнувам сите политички сили во Северна Македонија да ги поддржат уставните измени и да поддржат подобра и попросперитетна иднина на Северна Македонија и македонскиот народ – сè друго ќе биде штетно за амбициите за членство во ЕУ. Сега е моментот кога треба да се преземе политичка одговорност, сега е моментот да се дејствува, да се каже ‘дa’ на подобра иднина, на ЕУ… Договорот меѓу Северна Македонија и Европската Унија е фер и исправен, нема да има подобра спогодба, тоа е сигурно“, рече Лирман.
На прашањето како ќе ја разубедат ВМРО-ДПМНЕ која се противи на уставните измени, Лирман рече дека со нетрпение ја очекува средбатa и со опозицијата.
„Сите членови на опозиција ќе ги прашам каква е нивната идеја за иднината на земјава, дали навистина сакаат земјава да ја пропушти оваа уникатна можност да се приклучи кон оваа заедница на просперитет, на ЕУ, и јасно е дека возот на процесот на пристапување и проширување се движи многу бргу, а Северна Македонија не се движи со уставните измени и ќе го пропушти возот. Навистина знаеме колку беа посветени луѓето кон процесот на пристапување, така што, мојот аргумент е многу јасен. Јас сум многу посветена Европјанка и многу сум уверена дека Северна Македонија ќе стане посилна во ЕУ“, изјави Лирман.
Државната секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Франција, Лоранс Бун, кажа дека сака што поскоро да ја види Северна Македонија во европското семејство, дека одлуката за напредок е во рацете на државата и дека сега е моментот да се направи импулсот за проширување. По уставните измени, нови барања нема да има, уверува Бун.
„Во оваа фаза сакам да кажам дека дискусијата околу Уставот нема да повлекува нови барања од Бугарија. Автоматски, Северна Македонија ќе се најде на патеката на пристапување потоа, нема никакви дополителни барања од ниту една друга земја, меѓутоа, има барање за ревизија на Уставот да се заврши тоа секако и потоа автоматски Северна Македонија ќе влезе во следната фаза на процесот на пристапување“, рече Бун.
Полскиот министер за ЕУ Шимон Шинковски вел Сенк рече дека посетата е знак на заедничка поддршка на Германија, Франција и Полска за „пресудниот период“ на Северна Македонија.
„Пораката е едноставна – нашите три земји, Полска, Франција и Германија, сакаат активно да ја поддржат Северна Македонија на патот кон пристапувањето кон ЕУ и да ѝ посакаме добредојде. Знаеме колку може процесот да биде тегобен, но направивме многу за отворање на процесот на преговори за пристапување. Сега сè се наоѓа во рацете на македонската политичка елита, договорени се уставни измени што ќе ви овозможат да продолжите со следниот пресуден чекор кон членство во ЕУ. Секако, ова ќе биди сериозна одлука за Северна Македонија“, изјави Сенк.