Носачите на мостот на Крим не се оштетени од експлозијата, вели рускиот заменик премиер

by Fokus

Носечките столбови мост Керч, кој ја поврзува Русија со Крим, не беа оштетени од денешната експлозија, изјави рускиот вицепремиер Марат Хуснулин, јави Си-Ен-Ен.

„Според прелиминарната проценка, потпорите на мостот на Крим не се оштетени“, изјави денес Хуснулин за руските медиуми.

„Нуркачите моментално ја завршуваат проверката на мостот и одлуката за можноста за пуштање автомобилски сообраќај ќе биде донесена во рок од два часа“, додаде тој.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денес изјави дека претседателот на Русија Владимир Путин
издал инструкции да се направат напори за продолжување на сообраќајот кон Крим, како и да им се пружи помош на луѓето кои се на пат.

Тој рече дека Путин му наредил на вицепремиерот да ги надгледува поправките на мостот на Крим.

Два дрона на украинската морнарица утринава извршија терористички напад на мостот на Крим, соопшти рускиот национален антитерористички комитет за ТАС С.

Извор од украинската служба за безбедност (СБУ) рече дека нападот на мостот Керч е заедничка операција на СБУ и поморските сили на Украина, јави Си-Ен-Ен.

Во нападот е оштетен и коловозот на мостот, а сообраќајот утрово е во прекин. Сообраќајот на железничкиот дел од мостот подоцна беше обновен. Фериботите обезбедуваат врска и со Крим.

На патничките автомобили наскоро ќе им биде дозволено да го напуштаат Крим со фериботи, додека на камионите ќе им биде дозволено да патуваат само низ четирите украински региони, анектирани од Русија лани по референдумот.

Мостот Керч вреден 3,7 милијарди долари е стратешки важен бидејќи го поврзува рускиот регион Краснодар со полуостровот Крим, кој беше незаконски анектиран од Русија од Украина во 2014 година. Тоа беше физички израз на целта на рускиот претседател Владимир Путин да ја преземе Украина и да ја поврзе со Русија засекогаш.

 

 

 

 

Поврзани новости