ВОЛГАРИ

by fokus

Сметам дека треба да се градат добрососедски односи со сите соседи, не само со Бугарија. Но, не по цена на вистината и особено не поткопувајќи го антифашистичкиот темел, како и не по цена на емоциите на луѓето. За бога, сѐ уште има живи сведоци на тие злодела

Јанаки МИТРОВСКИ

Бугарија никогаш не била фашистички окупатор. Имало таму некоја администрација. Нас Југославија нѐ делеше, инаку сме пријателски земји. Кажа премиерот Зоран Заев во интервју минатата недела, и остана жив.

Булгарите или Волгарите по старо биле полуномадско Туркоманско племе, кое просперирало во регионот на реката Волга, во седмиот век од каде и им потекнува името. Подоцна мигрирале преку евроазиските степи на денешната територија, се измешале со локалното словенско население и го попримиле христијанството. И ова не го кажувам во насока на деградација дека се Турко-Монголи, туку како историски факт.

И ДА Е ОД ЗАЕВ – МНОГУ Е

Ноторно е дека во Втората светска војна, во март 1941 година, неприсилена од никој, и водена од сопствените територијални претензии кон соседите, Бугарија пристапува кон силите на Оската предводени од Нацистичка Германија. Само еден месец подоцна се случува инвазијата на Југославија, во која не учествува и Бугарија, но земајќи го долгопосакуваниот свој дел од колачот – Вардарска Македонија.

Но, и пред формалното пристапување на Оската, кон крајот на 1940-та и јануари 1941 година, бугарскиот парламент и Царот Борис носат и објавуваат Закон за заштита на нацијата, расен закон со кој се забранува доделување на бугарско државјанство на Евреи. Овој Закон беше во сила во Бугарија сѐ до ноември 1944 година, односно до преземањето на власта од комунистите.

Сето ова, во име на некаква си повисока цел, се обиде да го релативизира и ретушира нашиот премиер, тврдејќи дека Бугарија не била фашистички окупатор, туку некаква си таму администрација. Па, отиде и чекор понатаму, прашувајќи кој ги прашал на референдум Бугарите дали сакаат да пристапат кон Оската. Референдум во Царска земја, со авторитативен режим! И да е од Заев, многу е.

Ваквите ставови претставуваат опасно искривување на историјата и мокрење по антифашистичките темели на оваа земја. Премиерот уште се фали дека се тргнати дваесетина табли каде што пишувало бугарски фашистички окупатор. Зар тоа ќе нѐ натера да заборавиме на сите злодела? Зар тоа ќе ги избрише жртвите од Ваташа, поголемиот дел ДЕЦА?!

СИНХРОНИЗИРАНА ОДБРАНА

Цела недела, разно-разни Борјановци, Ордановци и цареви ќерки од петни жили и очигледно синхронизирано нѐ убедуваат дека премиерот бил во право, селективно и парцијално, цитирајќи го генерал Михајло Апостолски, на здрав памет убедувајќи нѐ дека Бугарија ја ослободувала Македонија како дел од сојузничките сили. Секако, притоа интенционално заборавајќи дека Бугарија пристапи кон сојузниците под присила на Советскиот Сојуз и по приграбување на власта од страна на комунистите.

Не сметам дека Бугарите како народ се виновни за злоделата на нивните предци. Забога, па од Германците не се бараше колективна одговорност, зашто би од Бугарите? Но, германските администрации, по Втора светска војна, не се обидуваа да ја претстават германската окупација на Европа како администрација, туку молеа за прошка и искажаа и сѐ уште искажуваат жалење за злосторствата на наци-режимот.

Прочитав ступиден коментар дека во Норвешка учениците учеле дека Норвешка била окупирана и дел до луѓето под присила соработувале. Тоа се две различни ситуации. Бугарија доброволно и водејќи се од алчност пристапи кон Оската, и, не само што не плати цена за тоа, туку и е единствената земја од Оската, која остана со поголема територија од пред војната, задржувајќи ја Јужна Добруџа.

Сметам дека треба да се градат добрососедски односи со сите соседи, не само со Бугарија. Но, не по цена на вистината и особено не поткопувајќи го антифашистичкиот темел, како и не по цена на емоциите на луѓето. Забога сѐ уште има живи сведоци на тие злодела. Затоа што цела Тиквешија памети дека в Тиквешко негде, в некое село, кај в слана тивко венеше цвете – убија дете.

Поврзани новости