Во спомен на поетот Саме Жарноски: Тој беше срцето и душата на Река

by Фокус

Си велам денес ако беше жив Саме што ли ќе прозбореше неговото поетско перо, за глетката кон реканскиот пустош, што го остави зад себе незапирливиот исселувачки бран, крајот го претвори во изнајмено место, за изнајмено време.

Пишува Реџо МУСЛИОСКИ

На денешен ден, пред 14 години на 26 јануари 2006 година, престана да чука срцето и душата на Река, поетот Саме Жарноски.

Со желба денес да го оживеам неговиот дух, тажен, но и истовремено и горд што му бев близок пријател и искрен другар, со посебна почит го споменувам неговото име и поезијата со која го разгоре љубовниот оган кон својот народ и со неговото поетско перо ги допре највозвишените духовни коти на Река и Македонија.

Од својата рана младост до крајот на животот не излезе од родната Жировница, освен времето од обрските за образование и воениот рок. Објави два-тринаесет стихозбирки, а уште во поголем број се во неговата оставнина, кои се уште не видоа виделина. Остана вечно препознатлив по неговата прва стихозбирка „Распукани бигори 1970 година“, и нејзиниот повик со песната „Не викајте ме Торбеш“.

На денот на вечната разделба од него, тагата ми отиде до болка, зашто бев жив сведок кога на реканскот будилник за наша национална свест и трезор на убавиот македонски збор и мисла, не беше кажан ниту еден збор од претставник на ДПМ (Друштвото на писателите на Македонија), чиј член беше од 1971 година. Не прашувајте ме зошто, одговорот го знаете: наша духовна беда и интелектуална сиромаштија.

НАШИОТ ЕТНИЧКИ ХАОС

Сивите облаци надвиснаа тој ден над неговата Жировница, како низ сито ситни капки дожд ја објавија тагата за неговото заминување. Времето плачеше, погребната тишина во тој миг ме потсети на аманетот што ни го остави за необјавените ракописи меѓу кои „Митинг на тишината“ и „Тишината на митинг“. Отиде тивко онака како што и живееше, во дружбата со него имам незаборавни мигови. Често си ја отворавме душата за нашата голема тема. Баравме одговор, зошто на сите околу нас националното им е свето, а нашето проклето. Секогаш гледав болка во неговата душа, заради нашиот етнички хаос, но тој и тогаш болката знаеше да ја обои со неговата надежна насмевка.

Денес во знак на неговиот помен и спомен му изразуваме вечна благодарност, за она што не можеше да го направи науката, нашиот Саме го направи со перото на поезијата, ја пробуди заспаната „Торбешката„ енергија за национално будење. Тој најдобро знаеше, дека ние сме тажно загубен народ, кој лута како дух низ својата историја, придружуван од неодминливите судбински константи заради што и денес очајот останува нашето второ име.

Се радуваше кога се родија Културно научните манифестации на Македонците-Муслимани. И двајцата бевме во првите редови, неподелено нѝ беше уверувањето дека нејзиното раѓање беше убаво како зората, силно како надежта. Но подоцна многу се разочара кога осозна дека и таму на мнозина од нашите редови повеќе им замиле материјалното од националното.

Во дружбата со него, секогаш го чувствував неговиот внатрешен бунтовен немир, заради нашите лузни од балканизми во сферата на нашето национално битие, лузни кои ја трауматизираа нашата колективна национална свест и совест, навредливо до болка заради односот на другите околу нас, кои не беа искрени исцелители на оваа наша рана во националното, а односот што го граделе кон осознавачката пролет на овој народ бил потврдена стерилна матрица со изнуден фолклор без содржина и суштина.

И не само тоа, во дружбата со нив ќе рече Саме: „Не знаете кој прв пожестоко со „Торбешкото“ ќе заигра врз нервите на овој народ-таксиратлија“. Во стихозбирката „Интимна исповед пред разурнатиот храм“, поетот ќе рече: „на таквите ете им го Господ“.

БЕЗ НАДЕЖ НЕ СЕ ЖИВЕЕ

Во една прилика го прашав има ли надеж за збогување со нашата национална безименост и дали Река ќе ни остане демографска урнатина со иднина на Мариовска судбина, зашто секој ден има по некое заминување, крајот незапирливо се празни!? Беше краток и ми рече: „Без надеж не се живее” , ама јас би додал тешко на тој народ што му останува само надежта, таа тогаш убива и ако со неа се живее, заморот од чекање го продолжува страдањето.

Некои работи од биографијата можат и да се прескокнат, ама не може и неговата скромност, работна безшумност, украсена со искреност и чесност. Еднаш му забележав за неговата претерана скромност и не ми остана должен: Алчните за моќ и пари брзо напредуваат, ама уште побрзо се симнуваат.

Поезијата на Саме Жарноски е поезија на зборот и болот. Ја отвара душата и срцето, лечи рани ама и отвара рани, особено кога ја опева големата наша преселба од 60-тите години за Анадолија, кога овде птиците замолчеа како на закоп. Низ празните села секое ново утро по три-четири зинати порти неми и празни останаа, ама и по некој катинар, кој ја чека ноќта да завива до лудило. Водопадите од жал се самоубиваа со бесење, реканскиот камен пукаше од мака зошто му е судено да молчи.
Крчин и Стогово паметат кога Радика рикаше во солзи зошто мајка испраќаше за навек син или овде оставаше ќерка. Ете, зошто реканската мајка, таа во Анадолија и таа овде во Река, не можат да го поминат денот без да офнат, ќе каже Саме.

Не заборави да го опее и гороцветот од Жарноска планина, кои заради носталгијата за родниот крај некои и со себе гороцвет понеле, со посебно внимание го одгледувале ама гороцветот набрзо добил боја на мрвто дете, не можел да го поднесе туѓото небо во својат поезија, вели Саме.

МАГИЈАТА НА КАМЕНАТА КЛИСУРА

Хероината Река беше неговата омилена локација, во неа живееше, за неа твореше, ја нарекуваше долина на луњите и љубовта. Го прашав во една прилика, што ли не задржало овде? Во негов стил ми одговори: „Магијата закопана во камената клисура на Радика и нејзините диви води“.

Поезијата на Саме Жарноски не можеше, а да не го допре печалбарството како наш светоглед и неодминлива судбинска патека за опстојување, патека на која со децении наназад беа истурани безброј мајчини и момински солзи, на разделби со испраќања и надежи за враќања, солзи кои ви го мијат лицето, а потоа се претвараат во накит на расплаканите лица зашто така ви шепоти надежта, ќе каже Саме.

Си велам денес ако беше жив Саме, што ли ќе прозбореше неговото поетско перо, за глетката кон реканскиот пустош, што го остави зад себе незапирливиот исселувачки бран, крајот го претвори во изнајмено место, за изнајмено време. Реканската тишина ечи од немир зашто овде веќе потешки се останувањата од заминувањата. Една стара мудрост вели: „ако некој ти припаѓа, пак ќе ти се врати “, да, но со Река тоа нема да се случи, новиот ден да ви започне со тие што најмногу ги сакате. Единствено што можам да понудам нешто утешително лек за душата, читајте ја поезијата на Саме Жарноски.

Нека му е вечна слава и благодарност за се што направи и остави за следните генерации!

Поврзани новости