Во прилепската и тетовска гимназија земале пари за свидетелства, утврдија инспекторите

by fokus

Дел од класните раководители во гимназиите „Мирче Ацев“ во Прилеп и „Никола Штејн“ во Тетово барале пари од учениците за изготвување на свидетелства, утврди вонредниот инспекциски надзор на Просветниот инспекторат, објави Телма.

Скандалот со наплатата на свидетелства го објави Сојузот на средношколци кој побара од инспекторатот истрага, а покрај овие две гимназии посочени беа и „Зеф Љуш марку“ во Скопје и „8 ми септември“ во Тетово каде исто така бил извршен надзор, но не биле потврдени наодите.

Во гимназија „Никола Штејн“ е утврдено дека дел од класните раководители побарале и зеле пари од учениците и за тоа биле известени и родителските совети додека во прилепската „Мирче Ацев“ дел од класните раководители собирале по 30 денари од учениците за изготвување на свидетелствата.

На двете гимназии им е укажано веднаш да ги вратат паричните средства и за тоа да го известат инспекторатот.

Од инспекторатот соопштија дека директорите на училиштата изјавиле дека неколку пати усно, а во некои случаи и по писмен пат ги известиле наставниците дека е забрането плаќање на свидетелства и дипломи, а тоа го потврдиле и од советите на родители.

За ова реагираше и Народниот правобранител кој и годинава констатира дека продолжува праксата дел од училиштата неосновано и надвор од закон да им наплаќаат на учениците/родителите/старателите за издавање свидетелства за завршено образование, соопштија од Кабинетот на Народниот правобранител.

Народниот правобранител, укажува Државниот просветен инспекторат да им наложи на училиштата веднаш да ги вратат незаконски наплатените средства за издавање свидетелство и ги охрабрува сите на кои нема да им бидат вратени средствата да се обратат на бесплатната телефонска линија за деца кај Народниот правобранител 0800 88 500, за заштита на своите права.

Поврзани новости