Во престрелката во Мала Речица учествувале две ривалски групи од кумановскиот огранок на ДУИ блиски до поранешен пратеник и актуелен советник

by Фокус

Сите учесници во денешната престрелка во тетовска Мала Речица, на околу 300 метри од централното седиште на ДУИ, се членови и активисти на албанската владејачка партија од огранокот во Куманово, велат за Фокус добро упатени партиски извори.

Според нив, тие пред престрелката не биле во партиското седиште, но, додаваат нашите соговорници, во централата биле присутни нивни познаници со кои биле во меѓусебна комуникација.

Нашите извори велат дека едната група била блиска до еден поранешен пратеник на ДУИ од Куманово, кој своевремено беше дел и од партиското Централно претседателство, додека другата се поврзува со член на кумановскиот совет, кој патем бил во роднинска врска со еден во учесниците во инциндентот.

Неофицијално, оваа престрелка е резултат на изборот на нов претседател на кумановскиот огранок, што предизвикало револт и нервоза кај дел од структурите во кумановската филијала на интегративците.

Инаку, кумановскиот огранок на партијата на Али Ахмети беше во фокусот на вниманието на јавноста и пред две години, кога беше убиен Реџеп Исмаили, познат како командант Шипоња, поради внатрепартиска кавга кој да го води партискиот огранок.

В.С.

Поврзани новости