Во понеделник партиите кај Џафери на координација

by Fokus

Координацијата која ја закажа новиот собраниски спикер, Талат Џафери сепак ќе се одржи во понеделник. По вчерашниот изненадно одржан состанок помеѓу сите парламентарни партии кој се одржа во Собранието, понеделнички повторно ќе се одржи координативна средба со Џафери.

Засега нема многу информации за деталите за кои разговарале вчера претставниците на партиите, меѓу кои и Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ и Оливер Спасовски од СДСМ, како и претставниците на албанските партии.

Според Џафери, доколку падне договор меѓу партиите и има политичка волја, би можело итно да се закаже седница за одредување на датум на кој ќе се одржат локалните избори и да се усвојат законските измени за продолжување на рокот на надлежностите на градоначалниците.

ВМРО-ДПМНЕ побара итно распишување на локални избори од парламентарното мнозинство и за истото ги предложија датумите – 2 јули, 14 септември и 15 октомври.

Но од СДСМ порачаа дека ВМРО-ДПМНЕ не би требало да прави игра со датуми за избори, туку ги потсети дека пред да се распишат локалните избори треба да се исполнат одредени предуслови.

Според нив, ВМРО-ДПМНЕ е опозиција и треба да се постави конструктивно во демократските процеси што водат кон избор на новата реформска влада, а потоа и кон распишување на локаните избори.

Поврзани новости