По притворот, повлечени и потерниците по Сеад Кочан?

by Fokus

Потерниците, домашната и меѓународната кои беа распишани по Сеад Кочан кој е во бегство повеќе од два месеци се повлечени, јави ТВ 24.

Откако Врховниот суд го укина притворот за познатиот бизнисмен, сега по него нема потерница што значи дека тој би можело и да се врати во земјава.

Одлуката за укинување на притворот беше донесена од Врховниот суд, каде претседател е Јово Вангеловски.

Кочан е еден од осомничените во случајот „Труст“ на Специјалното обвинителство.

Во предметот „Труст“ осомничени се три физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ од Студеничани за учество на тендер на Електрани на Македонија.

Според истрагата на СЈО осомничените се товарат дека на незаконски начин оствариле профит од 17 милиони евра.

Според СЈО станува збор за злоупотреби сторени на тендер на АД Елем за ископ на јаловина и јаглен во Суводол објавен на 7 октомври 2011 година, а како осомничени се јавуваат сопственикот на „Трансмет“ Сеат Кочан, директорот на „Силекс ДОЕЛ“ Василије Авировиќ и управителот на фирмата „Вато“ од Скопје, Сафет Ватиќ, како и самите компании. Овие лица на тендерот на ЕЛЕМ дале лажни податоци за поседување техничка опрема и кадровска екипираност. И покрај приложената невистинита документација, Комисијата за јавни набавки на ЕЛЕМ го избрала овој конзорциум како најдобар понудувач и сите пари досега се исплатени и покрај тоа што е злоупотребена постапката.

Поврзани новости