Во ОУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае поголем број ученици пројавиле стомачни тегоби

by irena 14:12
14:12

Инспекциски служби на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Државниот санитарен и здравствен иснпекторат (ДСЗИ) во вршат вонреден инспекциски надзор во Основното општинско училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопско Влае, Општина Карпош.

Контролата следува откако вчера попладне поголем број ученици од училиштето пројавиле стомачни тегоби.

„Со цел утврдување на изворот на евентуално труење со храна, кујната во училиштето е привремено затворена. Согласно Националниот протокол за постапување при сомнеж за труење со храна, ќе се спроведе епидемиолошка анкета, а ќе бидат земени мостри од инкриминирана храна, работни површини, прибор и машини за лабораториско тестирање. По завршување на контролата, јавноста ќе биде информирана за резултатите и изречените мерки“, информираа денеска од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во изјава за „360 степени“, директорката на „Димо Хаџи Димов“, Лела Николоска, потврдила дека во моментов службите земаат примероци не само од училишната кујна, туку секаде во училиштето.

„Вчера попладне ученици помасовно пројавиле симптоми после ручекот. Меѓутоа, сега се земаат мостри за да се види што точно се случило и да знаеме која терминологија да ја употребиме – дали е вирус, дали е нешто бактериско или е труење“, рече Николоска.

Децата кои пројавиле симптоми се ученици од прво до петто одделение.

Слични вести