Новиот градоначалник на Крушево, Томе Христоски најави дека нема да има прослава за Нова Година, а парите ќе бидат наменети за патна инфраструктура.
– Локалната самоуправа дочекот на Новата 2018 година ќе им го препушти на локалните кафулиња, дискотеки, ресторани и хотели. Заради тешката финансиска состојба во која се наоѓа општинската каса одлучивме овие пари да ги искористиме за поприоритетни работи, како што е подобрувањето на патната инфраструктура во Крушево и во населените места. На 31-ви декември 2017 година Општина Крушево ќе организира скромен коктел, додека вечерните забави и настани ги препушта на локалните претприемачи од угостителскиот сектор – истакна градоначалникот.
Тој вчера, исто така најави дека се откажува и од патните трошоци надвор од Крушево, со оглед на тоа што оштинската каса била во големи долгови.
– Општинската каса е во тешка состојба и мораме да кратиме посебно од неразумните трошоци кои до сега се правеле и да изнаоѓаме средства за решавање на егзистенцијалните проблеми на граѓаните – додаде Христоски.