Живко Митревски им ги заматил сметките на синдикалците, па не можат да изберат лидер

by fokus

В.д. претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски, уверува дека идниот прв човек на синдикалците ќе се избере на демократски начин. Од тие причини, појаснува, побарал одложување на вонредниот конгрес кој требаше да се одржи во саботата во Охрид и на кој тој беше единствен кандидат за синдикален лидер.

-Она што го направивме во саботата до сега се нема случено. Јас со ова на некој начин докажав дека не се работи за фотелјата на ССМ, ниту за мои лични интереси, туку за доброто на Синдикатот – вели Димовски во интервју за МИА.

Според него вонредниот конгрес бил одложен на негово барање, а не поради незадоволство на поголемиот број делегати.

Според Димовски изборот на синдикален лидер е отежнат поради условите кои ги поставил претходниот претседател, Живко Митревски, кои го следеа бројни контроверзии за време на неговиот мандат, како и критики за сервилниот однос кон власта. Митревски, вели тој, постави услови кои ретко кој кандидат може да ги исполни, со цел, вели Димовски, да го загарантира своето место во Сојузот.

-Ние се придружувавме до критериумите донесени од страна на Живко Митревски на 10 февруари 2015 година, бидејќи согласно Статутот, вонреден конгрес се прави врз основа на критериумите определени на редовниот конгрес. Таму има повеќе од четири критериуми. Сите тие критериуми ги запазивме и според нив, од тројцата кандидати, само јас ги исполнив условите. Најголеа замка во овие критериуми е тоа што кандидатите за претседател треба да бидат поддржани од синдикатот што го предлага кандидатот, како и најмалку од една третина од синдикатите здружени во ССМ, а во кои членуваат повеќе од една третина од вкупното членство на ССМ. Јас ја имав поддршката од 12 синдикати, Пеце Грујовски беше поддржан од неговиот синдикат и од уште четири, а Ацо Антовски од Македонскиот полициски синдикат беше поддржан само од неговиот синдикат – вели Димовски.

Од овие причини Европската конфедерација на синдикати испрати остро писмо до в.д. претседателот во кое го обвини дека постапува како неговиот претходник Митревски и го предупреди Сојузот од негово исклучување од конфедерацијата.

„Сакавме да Ве предупредиме за постапката, бидејќи се плашиме од иден конфликт, сличен на оној што веќе го доживеавте, бидејќи Вие го користите истиот пристап како и претседателот Митревски. Таквите правила доведоа до едногласен избор на претседател на последниот Конгрес, но спречија сериозна дебата и ги блокираа демократските промени во ССМ“, порачаа европските синдикалци.

Димовски на тоа одговори така што ги прекрши правилата што ги воспоставил Митревски и овозможи во трката за синдикален лидер на Македонија да учествува и кандидат кој, наводно, не ги исполнувал условите. На тој начин Димовски вели дека му фрлил ракавица на доскорешниот соборец во битката за уривање на Митревски, кандидатот од УПОЗ, Пецо Грујовски. Останува на Грујовски дали ќе прифати да влезе во кандидатура откако претходно Советот на ССМ го исклучи од трката.

Фото: МИА

Поврзани новости