Во Катлановска бања заедно лежат телата на 256 Македонци и Грци, борци на ДАГ од Граѓанската војна во Грција

by Фокус

Текстот е објавен на четврти декември 2009-та во неделникот „Фокус“ во бројот 753

Пишувал
Блаже МИНЕВСКИ

Околу 6.500 ранети борци на Демократската армија на Грција, Македонци и Грци, во периодот од 1946 до 1949-та година, во време на најжестоките борби во Егејска Македонија, преку илегални премини, ноќе и тајно, биле транспортирани во Катлановска бања, односно во илегалната воена болница формирана по договорот меѓу Тито и Никос Захаријадис за помош на грчката Комунистичка партија во борбата со монархофашистите.

Многумина биле спасени благодарејќи на огромните напори што ги вложувал тимот на д-р Вељко Мајсторовиќ, воен хирург од Белград, кој, во тоа време, и во такви услови, успеал да оперира и да спаси од сигурна смрт околу 2500 борци. Се разбира дека голем број од нив биле Грци, кои заедно со Македонците се бореле за демократизација на монархистичка Грција. За жал, 256 војници починале во текот на лекувањето и засекогаш останале во заедничката гробница во кругот на тогашната бања во Катланово.

ОПЕРАЦИИ БЕЗ АНЕСТЕЗИЈА

Според еден од организаторите на изградбата на партизанската болница во Катлановска бања, првоборецот Раде Гогов, многу тешки и сложени операции морале да се извршуваат во лоши основни болнички услови, без хируршки инструменти, лекови, анестезија, завои и друго, па затоа често ваквите зафати имале трагичен крај, иако лекарите вложувале натчовечки напори за спас на борците што пристигнувале со тајните конвои на воени камиони кои границата ја поминувале со изгасени светла.

Војниците што биле спасени благодарејќи на грижата на лекарскиот персонал во оваа тајна воена болница, никогаш нема да го заборават хирургот д-р Вељко Мајсторовиќ и неговите соработници, кои чесно без прекин со часови не излегувале од импровизираната сала за операции. Затоа сите што поминале низ оваа болница со голема почит го спомнуваат името на доктор Мајсторовиќ, но и на луѓето кои му помагале да спасат што поголем број ранети.

А ранетите во најголем број биле речиси деца, младинци меѓу 18 и 20 години, кои веднаш по закрепнувањето барале повторно да се вратат на фронтот во Егејска Македонија за да се борат заедно со Грците за подобра иднина, за демократска Грција.

Според сеќавањето на д-р Мајсторовиќ, бидејќи болницата работела тајно за да не се дава повод монархофашистичката влада во Грција да ја обвинува Југославија, особено Македонија за директно помагање на „бандитите на ДАГ“, како што ги нарекувале, голем број од починатите борци не само што тајно биле лекувани туку скришно биле погребувани ноќе до реката или на околните ридови, се разбира без никакво обележување на гробовите за да не се разоткрие болницата од разузнавачи и кодоши на теренот.

Но, за жал, многу често се случувало, особено таму каде што телата не можеле да се погребат во подлабок гроб, дождовите да ги откопаат и мртвите борци да се појават на површината на земјата или во реката. По ваквите дождови јата грабливци го покривале небото над Катланово, па било потребно брзо да се дејствува за да се спасат труповите од  мршојадците кои можеле да ги разнесат за кратко време. За да бидат повторно погребани, а дождовите обично оставале само камен зад себе, војската со воени камиони ноќе носела нова земја од околината за да се покријат мртовците одново.

ЛЕКАРИТЕ НЕ ПРАВЕЛЕ РАЗЛИКА МЕЃУ ГРК И МАКЕДОНЕЦ!

Според спомените д-р Вељко Мајсторовиќ, тогашен раководител на оваа тајна воена болница во Катлановска бања, најголем број од ранетите биле буквално изрешетани или осакатени од многубројните мини што насекаде ги поставувала монархофашистичката грчка војска.

Исто така меѓу најтешко ранетите борци биле и оние кои настрадале од артилериски гранати, но и од налетите на британските авиони што сееле бомби по планините во Егејска Македонија. Во болницата де слушале крици од болка насекаде, но, како што вели д-р Мајсторовиќ во своите спомени за тоа време, никогаш ниту тој, ниту кој и да било друг од болничкиот персонал не разликувал и не можел да разликува чија е болката, чиј е крикот од неиздржливата болка, и дали ранетиот е Македонец или Грк, бидејќи болката, солзата и тагата, како што вели тој, секогаш се доживуваат на ист начин од сите човечки суштества.

За него, болката што ја донела граѓанската војна во Грција не била поделена по национална припадност, а младите борци, кои биле Грци и Македонци, заедно се бореле и  заедно умирале на фронтот, но и во болницата во Катланово.

Меѓу оние 256-мина што не успеале да ги победат раните ниту во болницата, оние што се погребани на неколку места околу објектите на Катлановска бања, најмалку една третина се Грци за кои грчката влада никогаш не покажала интерес барем да ги забележи нивните имиња.

Според д-р Мајсторовиќ, кој бил сведок на трагедијата преку ранетите борци, во неговата тајна партизанска болница дневно имало дури и по десетина мртви, а импровизираните гробници се копале таму каде што можело да се ископаат, најчесто покрај реката, каде што дополнително морало да се носи земја од друго место за да се покријат плитките јами ископани во камењарот.

И тој посведочува дека неколкупати надошла реката и однела еден дел од погребаните борци, се мешале коски, а потоа тие што биле извлечени од водата, спасени од реката, оние што биле пронајдени по брегот, повторно биле закопани во заедничка гробница.

Затоа сега во неколкуте гробници кои би можеле да се лоцираат, зашто се уште има живи сведоци кои со месеци се лекувале во болницата, и ако се откопаат ќе се најдат измешани коски на Грци и Македонци, иако таму нема ниту плоча, ниту некој друг белег што ќе сведочи за нив како за луѓе кои постоеле и се бореле за својот идеал, за подобра, подемократска, братска Грција, држава која ќе биде подеднакво добра и праведна за сите што живеат во неа.

ЗАБОРАВЕНИ И ОД ГРЦИЈА И ОД МАКЕДОНИЈА?!

Потресно сведоштво за оваа тајна болница, за заборавени ранети момчиња кои починале во неа, за македонските и грчките борци од граѓанската војна во Грција, има забележано и македонскиот сликар со европско реноме Коле Манев. Во таа насока тој меѓу другото констатира дека на Балканот и во Европа, па и во светот се случиле многу воени настани и судири во кои имало многу повеќе жртви и страдалници од оние што ги однела Граѓанската војна во Грција, но по завршувањето на сите тие лудила секоја страна на гробовите на загинатите полагала цвеќе и им оддавала помен и почит.

За жал, според него, во случајот со Граѓанската војна во Грција од пред шеесет години со гробниците во Катлановска бања се случува нешто што е надвор од сите норми на човечко, хумано однесување. Имено, тие што умреле во болницата полни 60 години се заборавени и никој не помислува понекогаш да ги спомне, како воопшто да не постоеле.

А тоа биле момчиња кои одвај станале полнолетни, кои оставиле зад себе родители и роднини, спомени кои никогаш не можат да се избришат. За нив нема споменик, нема сеќавање, нема државни почести, не можат да се вратат во историјата на татковината за која се бореле, како што оние што преживеале го изгубиле правото доброволно да се вратат во своите родни места во Егејска Македонија.

-Затоа по цели шеесет години давањето помен, потсетувањето дека постоеле момчиња што мртви ги разнесувале дождовите во Катлановска бања, без разлика дали биле Македонци или Грци, секако е за почит. Не затоа што се бореле за некаква идеја, или затоа што носеле воена униформа на Демократската армија на Грција, туку затоа што се луѓе и заслужуваат да се спомнуваат како жртви, чии животи на немилосрден начин биле одземени од една неразумна граѓанска војна. Историјата на Македонија, но секако и историјата на Грција, треба да ги гледаат како невини жртви кои никогаш повеќе не треба да се случат, смета Коле Манев, потсетувајќи на времето пред шеесет години кога по таен налог на поранешните југословенски партиски власти, Катлановска бања била претворена во собирно место, односно болница за лекување на ранетите Македонци и Грци префрлани со ноќни конвои од боиштата и крвавите битки на Грамос и Вич преку граница во тогаш веќе неколку години слободниот дел на Македонија.

ОГРОМНА БЛАГОДАРНОСТ ЗА ДОКТОР МАЈСТОРОВИЌ

Осумдесетгодишниот Стојан Трпчевски од село Сетина, Егејска Македонија, е еден од оние 6.500 борци на Демократската армија на Грција, Македонци и Грци, кои во периодот од 1946 до 1949-та година, за време на најжестоките борби во јужниот дел на македонската земја, бил ранет и со таен конвој на ранети борци бил префрлен на лекување во тајната болница во Катлановска бања. И тоа не само еднаш, туку трипати, колку што бил рануван во тие три години колку што траела крвавата граѓанска војна.

При едно од тие ранувања го изгубил и видот на едното око, но и со едно око повторно се вратил на фронтот за да се бори за ослободување на македонскиот и грчкиот народ, како што вели, од монархофашистичкиот режим. Шеесет години подоцна со него сме на местото каде што бил донесен со група тешко ранети борци. Најпрво само молчи и само со поглед ги препознава местата  наоколу, а потоа со тага во гласот ни ги покажува гробовите на заборавените другари, сеќавајќи се на криците на ранетите, на просториите каде што д-р Мајсторовиќ ги извршувал операциите најчесто без основни средства па дури и без анестезија.

-Имав само 17 години кога се приклучив на единиците на ДАГ, поточно најпрво во 1945-та година ја формиравме нашата македонска бригада во Битола, значи формално бев борец на тогашната македонска армија која беше во состав на југословенската армија. Тоа беше во ноември 1945-та година и сѐ до крајот на 1947-та година бевме овде, од оваа страна на границата. Во ноември целата единица се врати во Грција и се приклучивме на ДАГ, а во јуни следната 1948 година бев ранет.

Настрадав при една заседа во селото Четирог, кога загинаа четворица наши борци. Се сеќавам само дека одеднаш ми се стемни иако беше пладне, не гледав ништо, слушав само лелеци и експлозии. Знам дека сум во некаков поток, но кога ме извлекоа не знаев каде сум, не гледав никаква светлинка. Бидејќи во тоа време ДАГ имаше накаква тајна болница во Корча, Албанија, колку што можеа побрзо ме пренесоа таму, но во таа болница веднаш рекоа дека немаат никакви можности да ми помогнат, да ми ги спасат очите.

Затоа по неколку дена ме префрлија во тајната болница во Катлановска бања. Оваа наша болница беше добро организирана, имаше доктори од Воената болница од Белград, а меѓу нив, како раководител беше докторот Вељко Мајсторовиќ. За него треба да се зборува со денови; тоа што го направи тој човек за ранетите што пристигнуваа од боиштата во Егејска Македонија, не може да се искаже со зборови. Се разбира, тоа го знам добро затоа што во истата таа болница подоцна како ранет доаѓав уште двапати.

Првиот пат во болницата бев донесен со некаков камион, полн со ранети борци кои одвај се воздржуваа гласно да не почнат да врискаат од болка. Сите бевме ташко ранети а болките требаше да се издржат со часови, затоа што тогаш немаше патишта и долго се патуваше за да се стигне до болницата во Катланово, се потсетува на овие тешки денови од пред шеесет години Стојан Трпчевски од Скопје.

ГО ИЗГУБИЛ ОКОТО, НО ПАК СЕ ВРАТИЛ ДА СЕ БОРИ ЗА МАКЕДОНИЈА!

Според Трпчевски, за транспорт на ранетите од Леринско до Катлановска бања се користеле 4 стари германски камиони, 3 татри и уште два-три други камиони. Како армија, ДАГ имала своја авто-единица во Преспа, а транспортот секогаш се одвивал ноќе и без светла.

-Се слушаа само пригушените офкања на ранетите, кои мораа да трпат, не смееше никој гласно да офне, да викне од болка. Бидејќи формално бевме борци на ДАГ, сите добивме грчки имиња, па така јас станав Јанис Труфунарис. Во Катлановската тајна болница стигнав со тоа име, со сменетото, па веројатно така сум запишан и во службените книги кои сигурно негде уште се чуваат.

Кога стигнавме, зборувам за првиот пат, ме примија и по прегледот што го направи еден од докторите ми кажаа дека немаат услови, немаат стручњаци кои можат да направат нешто за да ми ги спасат очите, па затоа ме испратија во Нови Сад. Лекарите во болницата во Нови Сад по неколку дена успеаја да ми го отворат левото око, да го спасат, па благодарејќи им нив денес гледам со тоа око, другото го изгубив. По лекувањето таму, откако се собравме околу 180 ранети, мислам колку-толку залечени борци во собирниот центар во Буркес, повторно бевме вратени во нашите единици на ДАГ.

Тоа беше значи летото во 1948-та година, кога веднаш имавме жестоки борби на Грамос, и повторно, за жал, немав среќа да се борам со другарите подолго, ме ранија во Бела Вода, кај Бигла, над Лерин. И пак ме донесоа во Катланово. Откако бев залечен, повторно се вратив долу, кај другарите, во четата. До февруари 1949-та година водевме  многу битки по тој дел на Македонија, а на 12 февруари го нападнавме Лерин, мислејќи дека веќе можеме да преземаме поголеми акции за ослободување на градовите.

За жал, во таа недоволно подготвена акција, во таа битка за Лерин, изгубивме 1200 борци, кои сега се погребани во една заедничка гробница во близина на градот, а која со години Грција не сакаше ниту да се спомне дека постои. Се разбира дека најголемите штети ги претрпевме од Англичаните, кои за разлика од она што го правеа во Југославија каде што беа на страната на партизаните, овде, во Егејска Македонија беа жестоко на страната на монархофашистите, па излегува дека во истовреме биле и антифашисти и фашисти.

Во секој случај, се сеќавам дека Преспанското езеро беше црвено од крв; водата беше црвена од крвта на Македонците кои загинаа за да ја ослободат Преспа и Лерин од монархофашистите. Во овие акции повторно бев ранет и повторно ноќе бев префрлен преку Ресен во Катлановска бања, а по санирањето на повредите ноќе бевме префрлени во Бугарија и оттаму во Романија. Таму бев 2-3 години, а потоа бевме префрлени во Унгарија каде што останав до јануари 1955 година, кога дојдов во Скопје, и останав е до ден денес, вели Трпчевски.

ГИ ЗНАМ МЕСТАТА КАДЕ ШТО СЕ ПОГРЕБУВАА ПОЧИНАТИТЕ!

Трпчевски вели дека без болницата во Катлановска бања многу од ранетите Грци и Македонци, кои под притисок на Англија, дури и Македонија, односно Југославија се плашела јавно да ги прима на лекување, сигурно не би преживеале.

-Се сеќавам дека сите објекти во бањата беа претворени во импровизирана болница која беше организирана по одделенија што ги водеа доктори од Воената болница во Белград. Се разбира, за нив никој не знаеше дека работат во оваа тајна болница, а дека целиот простор беше под строга воена котрола знаевме сите, затоа што на сите страни имаше караули во кои постојано имаше стража што не дозволуваше никакво доближување до објектите.

Движењето беше ограничено само на просторот околу објектите, а погребите на оние што починуваа во болницата се вршеа на три локации кои можам и сега да ги пронајдам според околните ридови. Еден таков гроб беше на малото ритче над главната болничка зграда. Тоа е зградата која сега е напуштена, односно не е во функција. Таа е наспроти големата зграда на сегашната хотелска зграда на бањата.

Гробницата во која беа погребани 13 мртви борци е токму на местото каде што денес има некаква штала, лево од мостот што минува над реката кон црквата спроти бањата. Таа црква тогаш не постоеше, а немаше ниту мост преку реката. Гробница преку реката имаше на местото под големата карпа што може да се види од дворот десно од влезната порта на болницата. Токму под таа карпа беа погребани поголем број луѓе, затоа што таму имаше простор и затоа што можеше полесно да се ископа гробницата.

Сепак, најголемата заедничка гробница беше од оваа страна на реката, педесетина метри од тогашното приемно одделение на болницата, односно сегашната прва мала зградичка на влезот, десно од портата во кругот на Катлановска бања. Долу, во просторот до реката, сега меѓу заштитниот ѕид што е направен за да се спречи поплава, беа неколку јами во кои се погребуваа починатите.

Се сеќавам дека еднаш надојде Пчиња и ги откри јамите, па почнаа да пливаат по реката трупови и остатоци од облека. Подоцна некои од тие јами повторно беа затрупувани со земја што војската ја носеше со камиони негде од околината. Според она што јас го знам, таму се погребани 256 борци, Македонци и Грци, но сепак, најточната бројка веројатно ја има во архивата што се водеше во болницата.

Можеби списокот на починатите во својот бележник, во својата архива го има зачувано доктор Вељко Мајсторовиќ, кој водеше евиденција за секој што се лекуваше во болницата. Оние што ќе се залечеа, се враќаа назад на фронтот најчесто доброволно, но имаше и такви кои се колебаа да се вратат, се плашеа да се вратат, па затоа имаше дури и притисоци, но и притвор ако не сакаат да се вратат, значи ги сметаа како дезертери.

Јас се враќав доброволно, но мора да признаам дека по второто ранување, кога не качија во товарни вагони за да не вратат, кога стигнавме во Скопје, кога чекавме на станицата да се приклучат вагоните за да продолжиме кон Битола, гледајќи ја низ прозорчињата слободата, си велевме да се симнеме во Скопје, да не се враќаме. Некои дури и гласно ќе кажеа таква мисла, но сепак брзо одлучувавме дека мора да заминеме и заминувавме пак да се бориме за да ја ослободиме цела Македонија.

А долу најмногу страдавме од мини што монархофашистите ги поставуваа насекаде. Тоа беше платена војска, најчесто беа пијани, па не можеа да се борат како војници туку само како кукавици. Да не беа Англичаните да застанат на нивна страна, нашата демократска армија лесно ќе се справеше со нив, вели Трпчевски, кој откако се вратил во Македонија, во Скопје завршил Правен факултет и до пензионирањето работел во општина Идадија, подоцна општина Центар како трудов инспектор.

Сѐ уште без обележје
КАКО ПРОПАДНАЛЕ 76 МИЛИОНИ ДИНАРИ ЗА СПОМЕНИК ВО КАТЛАНОВО?

За да се зачува споменот за оние што поминале низ тајната воена болница во Катлановска бања, а особено за оние што засекогаш останале таму, во трите заеднички гробници, во 1995 година била поставена една  плоча, но набрзо плочата била скршена, уништена и фрлена. Но и пред 1995-та година, негде во средината на осумдесеттите години на минатиот век, бил направен обид да се направи споменик со имињата на ренетите борци што умреле во болницата.

За жал, и таа иницијатива пропаднала најверојатно за да не се „провоцира“ Грција, иако во списокот на  загинатите барем неколку десетина борци се Грци од Пелопонез и островите кои се приклучиле кон Македонците како дел од ДАГ, како што вели Трпчевски. Притоа се добива впечаток дека долго за време на Југославија не се спомнувало дека во Катланово имало тајна болница за време на граѓанската војна во Грција и дека во нејзиниот двор се погребани близу триста борци на ДАГ и Македонци и Грци.

-Сега не се сеќавам точно на годината, но најверојатно беше во 1985 година, кога се прославуваа 40 години од победата над фашизмот, беа доделени средства да се изгради споменик и за борците на ДАГ што починаа во воената тајна болница во Катлановска бања. Се сеќавам дека беа одобрени околу 75-76 милиони динари за таа намена, а тие во тоа време беа средства со кои можеше да се направи многу добар, достоинствен споменик во чест на момчињата кои не беа постари од дваесетипет-шест години.

Парите негде исчезнаа и споменикот не се направи никогаш. Десетина години подоцна се постави плоча во спомен на болницата, на оние што останаа живи и на оние што не издржаа, но и плочата сега ја нема, некој ја извадил, ја скршил и ја фрлил некаде. Сега нема никаков белег дека тука се одвивала една таква драма, таква борба за живот, а не станува збор за еден или двајца, туку за над 6000 момчиња кои поминаа низ болницата.

По повод шеесетгодишнината од тие настани пред неколку месеци покренавме иницијатива за изградба на спомен-обележје, но засега работите се уште се на почеток, односно има само идеја и некаква поддршка дека државата ќе помогне во изградбата на тој споменик.

Во меѓувреме, треба да се одреди локацијата, да се проба да се пронајдат трите заеднички гробници каде што се погребуваат починатите, да се пренесат на местото каде што ќе биде споменикот и дури потоа да се реализира целиот проект, да се среди целиот простор кој треба да биде мал парк што ќе сведочи за времето во кое Македонците се уште имаа надеж дека Македонија може да се ослободи и сите Македонци во сите делови да имаат право да бидат Македонци.

Јас трипати досега сум бил во моето родно село Сетина, но се разбира, немам право да се вратам како Македонец на својот имот. Некои наши борци кои беа во други држави по завршувањето на граѓанската војна не зедоа наше државјанство, се пишаа Грци, и се вратија назад во своите родни места. Сите што не се откажаа од Македонија, останаа овде.

Грчките војници, пак, што имаа жени Македонки, а такви имаше доста, си ги оставаа жените и заминуваа за Грција. Нивните жени и дечиња останаа овде затоа што не се Грци по род, а тие се вратија како Грци дома сами. Оние што не се вратија, што не можеа да се вратат, останаа засекогаш во заедничките гробници со Македонците во дворот на Катлановска бања, вели Стојан Трпчевски, еден од 6.500 борци на Демократската армија на Грција кој меѓу 1947 и 1949-та година трипати бил ранет и трипати бил лекуван во тајната воена болница во Катланово.

Поврзани новости