Во Брисел разговори меѓу Вучиќ и Курти

by Fokus

За првпат во Брисел на заедничка маса ќе седнат премиерот на Косово, Албин Курти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Средбата е во рамки на дијалогот меѓу Белград и Приштина, а се одржува со посредство на ЕУ. По одделните средби на европските претставници со Вучиќ , а потоа и со Курти, ќе се одржи заедничкиот состанок на кој ќе присуствуваат шефот на европската дипломатија Жозеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак.

-Двајцата соговорници се обврзаа дека ќе дојдат на состанокот во вторник. Ништо повеќе од тоа не можеме да планираме. Дали ќе најдат заеднички јазик или не, дали сите ќе бидат конструктивни, дали ќе се договорат како ќе продолжи процесот понатаму – сето тоа останува да се види во вторник, изјавиле за „Дојче Веле“ дипломатски извори од Европската унија.

Курти деновиве изјави дека оваа средба ќе се искористи за дискутирање на иднината на дијалогот, сугерирајќи дека нема да биде продолжение на претходните разговори за нормализирање на односите меѓу двете земји. Вучиќ пак, оцени дека разговорите со Приштина во Брисел нема да бидат лесни и оти ситуацијата не е розова.

Поврзани новости