ВМРО-ДПМНЕ: Тендерот од МНР што го доби најголемиот донатор на ДУИ, е пример колку оваа партија е влезена во крадење на парите на граѓаните

by Fokus

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ обвини дека изборот на фирмата која треба да го преадаптира Спортскиот центар „Борис Трајковски“ за конференција на министерскиот совет на ОБСЕ е класичен пример до која мера во ДУИ се влезени во криминали и крадење на парите на граѓаните, за нивно лично богатење.

„Бујар Османи преку МНР, ќе и исплати на фирмата Еуровиа ДООЕЛ 1,8 милиони евра, пари на граѓаните, за преадаптирање на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ за конференција на министерскиот совет на ОБСЕ, која истовремено е и најголем донатор на ДУИ“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

„Фокус“ завчера објави дека градежната фирма „Еуровиа“ од Желино го доби тендерот од Министерството за надворешни работи за преадаптација на Спортскиот центар „Борис Трајковски“

Од партијата потсетуваат дека истата фирма Еуровиа, која е на Елмедин Адеми, внук на поранешниот министер на ДУИ, Абдулаќим Адеми, добила два милиони евра, за изградба на новата полициска станица во Аеродром, како и тендерот за реконструкција и пренамена на објекти за Универзитетот „Мајка Тереза“.

„Сопственик на Еуровиа ДООЕЛ е фирмата „Еуровиа Холдинг“, во која освен Елмедин, како сопственик се води и Елдин Адеми, главен човек, на огранокот на ДУИ, во Јегуновце. ДУИ од страна на Елмедин Адеми како донација добила 2.509.200 денари, што е три пати над законскиот лимит за донација од физичко лице, а воедно „Еуровиа“ како правно лице, има донирано 1.845.000 денари, во 2022-ра година“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Од Министерството за надворешни работи вчера соопштија дека „избраната компанија беше далеку поевтина од останатите компании, а изборот е целосно транспарентен и согласно процедурите“.

Слична изјава вчера имаше и од Министерството за внатрешни работи од каде велат дека јавната набавка е спроведена комплетно транспарентно и избрана е најдобрата понуда.

Поврзани новости